Преземените дејствија уште некое време остануваат тајна без да се компромитира истрагата. Обвинителството не соопштува никакви детали, но уверуваат – интензивно се работи на случајот.
Органите на прогон во петокот извршија претрес на Онкологија. Одземени се компјутери и компјутерски податоци за вештачење, а се проверува и медицинската документација за водење на пациентите и администрирање на терапијата.
Јавноста со денови е згрозена по изнесените наводи за третманот на пациентите како и работата на Онкологија.
„Основното јавно обвинителство – Скопје и Министерството за внатрешни работи интензивно преземаат дејствија за проверка на наводите. Во континуитет се вршат распити на лица кои би можеле да имаат определени сознанија. Отпочнати се и дел од анализите на прибраните материјални докази“ велат од Јавното обвинителство.
Сите чекаат одговори и конкретни чекори во разрешница на скандалот и сузбивање на ланецот на трговија со цитостатици, а министерот за здравство уверува дека секој ќе одговара пред законот.
Меџити денес се соочи со пациентите и со нивната секојдневна голгота низ здравствениот систем.
„Меџити: Кој има нешто критика повелете кажете, тука сум.
Пациент: 09:30 е часот, а докторите сѐ уште не се почнати со работа зошто биле на состанок!
Меџити: Денес јас ви се извинувам поради тоа што јас бев на колегиумот, ги повикав сите доктори за одблизу да се запознаам како тече работата и како се дава терапијата.“
Министерот пред неколку дена изрази подготвеност да соработува со институциите. Денес, лично соочен со дел од пациентите – смирува.
„Ве уверувам дека тука нема манипулации повеќе. Што било порано не знам. Тоа повеќе нема да го дозволиме и најстрого ќе ги санкционираме оние коишто се огрешиле пред законот“ кажа Меџити пред пациентите.
На протестот кој во понеделникот се одржа пред Владата и пред Обвинителството беше испратена порака за кривична, но и за политичка одговорност. Наведени беа повеќе имиња, на сегашни и поранешни функционери.
Едно од споменатите лица е и Нехат Нухи – поранешен економски директор на Клиниката за онкологија. Тој во интервју за телевизијата „Клан“ пред јавноста призна дека неговата мајка била лекувана во клиниката, но без потврден канцер.
„Беше период на Ковид и навистина кога се зборува за вашата мајка, човек гледа што побрзо да најде решение за како да се третира. Со дозвола на медицинскиот директор, тој нѝ овозможи да се лекува, но не се лекуваше од рак. Беше период на Ковид“ истакна Нехат Нухиу, поранешен организациски директор на Клиниката за онкологија во интервју за ТВ „Клан“.
Граѓаните кои во понеделникот протестираа на надлежните им порачаа дека имаат рок од една недела да изнесат конкретни резултати и да се забрза истрагата и понатамошниот процес.
Покрај сторителите на тешки кривични дела против здравјето на луѓето, се чекаат одговори и за електронскиот систем „КАТО“. Тој со години стоел под клуч на Онкологија, додека субјективно се одлучувало кој ќе ја прими скапата биолошка терапија.
Системот кој требало да следи како се даваат цитостатици е купен пред седум години. Се користел само неколку месеци и исклучен бил без образложение.
Петар Догов
