Вести Македонија Најважни

Тој што се огрешил, да одговара – политичарите бараат одговорност за случајот Онкологија

Нема политичар или партија кој не е згрозен од сомнежите дека на Клиниката за онкологија имало злоупотреба на терапијата. Сите се единствени во барањето одговорност, а опозицијата додава и политичка одговорност.

Претседателот Стево Пендаровски констатира дека здравствениот систем потфрлил, со што е изгубена довербата кај болните од рак и се доведува во прашање квалитетот на лекување на секој иден пациент.

„Повикувам на брзо и ефикасно комплетирање на истрагата и на судско-обвинителско процесуирање без селективност и соодветна казна. Крајно време е системот да потврди дека сме способни да се справуваме со тешки облици на организиран криминал и корупција и, конечно, да ја прекинеме културата на неказнивост за сериозни прекршувања на законите“, изјави Стево Пендаровски, претседател на Македонија. 

Премиерот Ковачевски најави дека „нема да има пардон за никого во овој грозен случај“. Го разбира бесот и огорченоста на граѓаните, но побара да не се обвинува целата здравствена фела и случајот да не се политизира.

„Правото на протест во вакви случаи е добредојдено, бидејќи врши дополнителен притисок врз институциите побрзо да ја завршат својата работа. Но, повикувам случајот да не се политизира. Овде се работи за истражни дејствија кои ќе бидат спроведени на најпрофесионален начин и нема да се прави пардон за никого. Нема да се дозволи никаков притисок, ниту политички, ниту етнички ниту било каков друг. Инволвираните, ако сакаат нека бидат членови и на свети СДСМ и на свето ВМРО и на свети ДУИ. Тој што се огрешил, има да одговара“, порача Димитар Ковачевски, претседател на Владата на Македонија. 

Опозицискиот лидер Мицкоски е „згрозен од случајот“. Го смета за криминално-мафијашко здружување на неколку медицински лица блиски до власта. Затоа очекува и политичка одговорност, оставка на Владата и брзи избори.

„Јас не сум им виновен што директори на медицинските установи и директорот на Онкологија ќе го видите на слики во штабовите на СДСМ како држи обука, а економскиот директор од ДУИ е прегрнат со целото раководство на партијата. Да, јас сум против политизирање на човечки судбини и трагедии, но има факти поради кои не може да останеме неми и да не ги кажеме во јавноста“, нагласи Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

 Владеачката ДУИ бара одговорните да излезат „пред лицето на правдата“, но да не се злоупотребуваат за политички цели во време кога државата е исправена пред уште еден предизвик.

„ДУИ ја поддржува акцијата на МВР и Обвинителството и повикува на вакви истраги и во други клиники и институции. Овие тврдења вклучуваат луѓе инволвирани низ годините и во администрацијата. Затоа партиите треба да се држат на страна од истрагите и да не ги компромитираат“, потенцираат од ДУИ.

Опозициското Демократско движење се надева дека овој скандал нема да го има епилогот на случајот со модуларната болница во Тетово.

„Во нормални земји за вакви случаи владите поднесуваат оставки. По полициската акција на Онкологија, според сите показатели, ќе исплива на површина скандал од трагични размери. Сега е јасно дека го криминализираме здравството“, велат од Демократско движење.

Скандалот го обелоденија медиумите. Изнесоа низа сведочења дека пациентите не добивале соодветна терапија, а скапите лекови завршувале на црниот пазар.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Николовски: На автопатот Охрид-Кичево целосно завршени две галерии, на третата интензивно се работи

Дејан Дејан

(вознемирувачко видео)Во обид за бeгство уапсена Македонка која прегази куче во Црна Гора – таа кривично ќе одговара пред тамошното обвинителство

Дејан Дејан

Пожари беснеат во Франција и Шпанија, пожарникарите немоќни – бројот на евакуирани надмина 220.000

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе