Стабилна е состојбата на болничарката која пројави симптоми на Конго – кримска хеморагична треска и се надеваме дека така и ќе остане, велат од Инфективната клиника. Во континуитет се следат параметрите, да не дојде до влошување, затоа што кај оваа болест е многу важна супортивната терапија. За многумина тоа што загрижува е како дошло до пренос кога постоела соодветна заштита на болничарката во директен контакт со 27 годишната штипјанка која почина од оваа болест по каснување од крлеж, контакт со среден ризик.
Шансите се многу мали, но со оглед дека пациентката има големи количини на секрети, екскрети, крварења , тие се заразните содржини кои можат да бидат пренесени. Но и покрај заштитата која ја имаме ние, можеби болничарката која работела со пациентката, но потоа кога ги симнува ракавиците, облеката можно е нешто да прснало во слузниците, во очите и да се заразила, изјави д- р Добринка Наунова- Јовановска, Универзитетска клиника за инфективни болести
До сега под лекарски надзор беа 29 пациенти кои имале контакт со првата пациентка. Во моментов по епидемиолошката анкета на Центарот за јавно здравје под лекарски надзор се ставени уште 11 лица кои биле во контакт со втората пациентката и сите се од скопскиот регион.
Добрата вест тука е што болеста не се пренесуава аерогено, значи не се пренесува со вдишување, туку потребно контакт со крв или телесни течности за да може да се пренесе. Сите случаи кои се анкетирани се можни случаи од среден ризик и ниеден не бил со крв или телесни течности, д-р Бесим Зеќири, директор на Центар за јавно здравје
За да нема дилеми лекарски надзор, не значи класична изолација .
Тоа не е класична изолација, меѓутоа не треба да имаат контакт со останатите, дали е потесното семејство или други. Едноставно да издржат овие 14 дена за да не се прошири оваа зараза, иако се надевам ова ќе биде и последниот случај. Што се однесува до тие 29 една еве се потврди, вкупно имаме издадено решенија за 40 луѓе, вели д-р Рената Младеновска, директорка на Државен санитарен и здравствен инспекторат
Важно е граѓаните да внимаваат на заштитата кога престојуваат на отворено, да носат соодветна облека, советуваат лекарите, да внимаваат на површини каде има и животни и доколку забележат крлеж, без паника да консултираат лекар за отстранување на истиот. Конго – кримската хеморагична треска се пренесува преку заразени крлежи, но може да се пренесе и преку контакт со заразено лице. Смртноста е огромна и се пресметува во над 40% од досега регистрираните случаи.
Нина Стефанова
