Одлучноста и обединувачкиот дух на Илинден 1903 и на АСНОМ 1944, но и цврстата верба, истрајноста и упорноста со кои е создадено Огништето на нашата татковина, денес се нашиот патоказ кон иднината, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски на Скопската тврдина Кале по повод одбележувањето на 2 Август – Денот на Републиката.
„Заложбите за автономна држава, што започнале со создавањето на Крушевската Република, ги реализирале хероите во Народно-ослободителната борба. Со Илинденското востание во 1903-та година е кренат гласот за слобода и правдини. Но, со НОБ и Првото заседание на АСНОМ во 1944-та, македонскиот народ ја извојува својата национална слобода и создава сопствена држава, со службен македонски јазик. Ова покажува колку е важна свеста за постоењето на стратешката цел и колку е важен континуитетот за нејзиното постигнување“, нагласи премиерот.
Длабоките демократски принципи на кои се засновала Крушевската Република изразени во Крушевскиот манифест кој, како што рече, јасно прокламира социјална, национална и верска еднаквост, не случајно денес се темелите на современа Република Северна Македонија.
„Крушевската Република траела само 10 дена, но била, е, и ќе биде симбол на државотворните стремежи на македонскиот народ и на македонската државност. На Крушевската Република и АСНОМ се надоврзуваат Народното Собрание на тогашни Народна Република Македонија и Собранието на Социјалистичка Република Македонија, како основи на првото повеќепартиско Собрание на Република Македонија, денешно Собрание на Република Северна Македонија“, изјави Ковачевски.
И низ какви предизвици и да мина нашата држава во тридецениската независност, порача Ковачевски, инспирирани од храброста на илинденците и асномците, со државничко постапување на Собранието, донесени се сите клучни одлуки за државата до денес.
Илинденците и асномците, како што рече, знаеле дека вреди секој направен чекор напред за македонската државност и затоа нивните одлуки нѐ обврзуваат да одиме напред, одлучно и храбро. Додаде дека порано битките биле на бојно поле, а денес тоа е дипломатското поле.
„Како рамноправна членка на заедничката масата на НАТО, го осигуравме територијалниот интегритет. Успеавме да седнеме и на европската маса и да го отвориме преговарачкиот процес, поставувајки го македонскот јазик на исто рамниште со другите официјални европски јазици. За тоа е доказ потпишаниот договор со Европската комисија за ФРОНТЕКС на македонски јазик. Како и преведувањето на целото европско законодавство на македонски јазик, кој што е во тек“, рече Ковачевски.
Според него, оваа Влада постапила по аманетот на илинденските и асномците, дека правата се штитат на рамноправен терен. Седнати на иста маса заедно со останатите европски земји и светски сили. И сите кои во следниот период ќе носат важни одлуки за граѓаните и државата, треба да постапат по истиот аманет.
Огништето на Татковината, како што рече, значи полни домови, насмеани деца, мотивирани млади луѓе, значи среќни луѓе.
„Ако сонот на граѓаните и особеноо на младите луѓе во државава е да живеат во европска држава, тогаш нека е тоа тука, во родната земја! Огништето на татковината, кое е создадено во пламен и со крв, да го сочуваме! Да не се случи да остане празно! За да има кој да, пишува,да твори, да говори на македонски јазик. Затоа што, како што вели Блаже Конески: Јазикот е нашата единствена татковина. И сè додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште“, потенцира Ковачевски.
Тој потсети дека од изолирана држава, по цела деценија, со мудри, храбри и одважни одлуки, успеавме да ја обновиме и засилиме меѓународната поддршка, како никогаш досега. Според него, затоа што знаеме колку тешка борба беше тоа, денес будно го чуваме нашето исконско македонско и нашата мултиетничка држава, која што е препознаена како функционална мултиетничка демократија, пример во регионот и во Европа.
Нагласи дека тоа го правиме како Македонци, со промоцијата на македонскиот јазик и идентитет и со почитување на правата на сите другите етнички заедници: Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и сите други кој живеат тука во ова држава заедно со векови.
„И нема за што да бидеме загрижени, бидејки, оваа наша македонска држава, успешна мултиетничка приказна ѝ е подеднакво потребна на Европа, како што нам ни потребна ЕУ. Секој момент е добра можност да се направи нешто добро за својата државаа и за својот народ. Поучени од заедништвото и решителноста на Илинден и АСНОМ, имаме обрска да постапиме и ние како генерации на денешнината, како што ни доликува. Да носиме одлуки што прават пат напред за идните генерации“, порача Ковачевски.
