Преполни контејнери со отпад кој е расфрлан и на тревнатите површини, картонски кутии, пластични ќеси и шишиња, искршена стаклена амбалажа, памперси. Скопје се дави во отпад и на секоја поголема точка на улиците и булеварите се шири и непријатна миризба.
Граѓаните се револтирани. Запознати се хаосот во „Комунална хигиена“, но велат дека тоа не е нивни проблем. Потенцираат дека редовно ги плаќаат сметките и сакаат квалитетна услуга, наместо да прескокнуваат ѓубре при излез и влез во своите домови.
Фотографиите се направени долж „Партизанска“, која е претворена во булевар на отпадот, до мостот „Обединети Нации“. Слична е ситуацијата и во строгиот центар на градот, каде секојдневно може да се забележат групи со странски туристи.






Според информациите, вработените уште во петокот на полноќ се одлучиле на штрајк, затоа што бараат подобри услови за работа и повисока плата. Во јавноста се појави и снимка на која директорката Косана Мазнева им се заканува на вработените кои одлучиле да штрајкуваат.






Таа вчера на прес-конференција обвини дека блокадата ја направиле мала група вработени кои ги нарече група од подземјето, кои работеле со години трета смена, која повеќе се плаќа и не дозволувале да има ротации. Дополнително, рече дека си правеле приватни бизниси од фирмата, богатејќи се на сметка на претпријатието. Побара да делуваат институциите. Истовремено вети и дека ќе одговори на барањата за зголемување на платата, согласно минималната. Кажа дека од март платата на вработените е зголемена за 864 денари, а договорите за работа се прекинати само со оние лица кои не работеле ништо.
Еден од оние кои добиле отказ е Дали Дардишта од синдикатот на Комунална Хигиена. Телма успеа да стапи во контакт со него. Во телефонска изјава рече дека вработените барале повисока плата и бенфициран стаж. Неколкупати се обидувале да разговараат со директорката за проблемите со кои се соочуваат, но таа не ги примала на разговор девет месеци.
