Цврсти докази стојат зад одлуката на САД да прогласи струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за непожелна личност. Амбасадорката Анџела Агелер и денеска испрати порака дека граѓаните имаат право на избрани функционери на кои ќе може да им веруваат, но дека улогата и завршува тука, понатаму истакнува на правосудството и Владата да преземат мерки. Освен со Мерко, црната листа ќе се прошири и со други имиња
Овој процес на назначувања трае подолго, процес на внимателно и законско спроведување. Не се одвива лесно и набрзина. Но, има и една листа на имиња кои се уште се во процес на разгледување, додека нашите правни оддели ги разгледуваат доказите. Не можам засега со точност да кажам кога ќе бидат соопштени други предлози, но уверена сум дека ќе следат, кога – не можам да кажам, затоа што тој процес се одвива внимателно. Но, само да истакнам дека САД сериозно ги сфаќа овие обвинувања и доказите за корупција, бидејќи луѓето во Северна Македонија, граѓаните на оваа земја имаат право да имаат избрани функционери во кои ќе веруваат, рече Агелер.
Од Вашингтон продолжуваат и денеска директните и јасни пораки. Заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар се надева дека оваа нивната мерка ќе и помаге на владата да продолжи со напорите за борба против корупцијата. Тој ова го изјави за албанската редакција на Гласот на Америка, одговарајќи на прашањето дали очекува политички последици. Во истото интервју, координаторот за антикорупција на Стејт департменот, Ричард Нефју рече дека не може да се сподели повеќе детали зошто градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, е ставен на американската црна листа, но американскиот државен секретар имал веродостојни информации
- Ако секретарот има веродостојни информации што укажуваат на вмешаност во значителна корупција, секретарот треба да наметне ограничувања за виза. И така, од гледна точка на законот, од нас се бара да дејствуваме кога тие информации се достапни, изјави Нефју.
Од Владата, фокусот го насочуваат кон правни последици. Премиерот Ковачевски очекува правосудните и истражните органи да ги проверат сериозните наоди за вмешаност на корупција на Мерко . Причините поради кои САД го стави на црна листа , според Ковачевски е потврда дека на правосудството му е потребен генерален ремонт.
– НАВОДИТЕ ШТО СЕ НАВЕДЕНИ ЗА СТАВАЊЕ НА ЦРНАТА ЛИСТА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА СТРУГА, СЕ СЕРИОЗНИ. СЕ РАБОТИ ЗА НЕКОЛКУ ОСНОВИ. НАШИТЕ ИСТРАЖНИ И ПРАВОСУДНИ ОРГАНИ ТРЕБА ДА ГИ ИСПИТААТ НАВОДИТЕ ШТО СЕ НАВЕДЕНИ ВО СООПШТЕНИЕТО ОД СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ И ДА СЕ ЗАПРАШААТ КАКО САД ДОШЛЕ ДО ТАКВИ ИНФОРМАЦИИ НА КОИШТО ЈА БАЗИРААТ СВОЈАТА ОДЛУКА, А СЕ НАОЃААТ НЕКОЛКУ ИЛЈАДИ КИЛОМЕТРИ ДАЛЕКУ ОД ТУКА, А НАШИТЕ ОРГАНИ НЕ ДОШЛЕ ДО ТАКВИ ПОДАТОЦИ СИТЕ ОВИЕ ГОДИНИ. ОВА САМО УШТЕ ЕДНАШ ПОТВРДУВА ДЕКА НА НАШИОТ ИСТРАЖЕН И ПРАВОСУДЕН СИСТЕМ МУ ТРЕБА ГЕНЕРАЛЕН РЕМОНТ СО ОГЛЕД НА ТОА ДЕКА САКАМЕ ДА ЖИВЕЕМЕ ВО ЕВРОПСКА ДРЖАВА, РЕЧЕ КОВАЧЕВСКИ.
Дали и какви постапки се водат за Мерко и дали знаат за каква значителна корупција се најде на црната листа од Обвиниелството најавија одговор во текот на денот.
Стејт депарментот утврдил дека Мерко освен што присвојувал средства, се мешал и во судски процеси. Судскиот совет ќе формира комисија која ќе го посети струшкиот суд и ќе направи контрола за да ги провери наводите на Стејт Департментот и американската амбасадорка
Во текот на минатата и оваа година имало 15 претставки од граѓани на Струга за работата на струшкиот суд, додека Судскиот совет водел две постапки за судии од овој суд. Но, напоменувам дека во ниту еден случај не се доведуваат во врска со градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, туку за конкретни предмети во кои се засегнати странките.
Рамиз Мерко е прв функционер на ДУИ кој поради корупција заврши на црната листа на САД. Доби забрана за влез во Америка, а иста забрана ја добија и неговата сопруга и трите полнолетни деца. Рамиз Мерко како човек од доверба на Али Ахмети е постојан кандидат на ДУИ за градоначалник во Струга, сега го извршува 4-тиот мандат. Во ноември лани, во Македонија дојде тим за санкции кој прибираше информации за функционери поврзани со корупција без да откријат какво било име.
Елена Ивановска Мукоска
