Влада без ДУИ, влада со сите внатре и пет министри за ВМРО ДПМНЕ, избори веднаш по уставните измени, избори по затворањето на неколку поглавја, уставни измени со одложена важност. Сето ова беше на маса пред премиерот и опозицискиот лидер и за ништо не е постигнат договор.
Освен ова, Мицкоски побарал европските институции да го гарантираат македонскиот идентитет, да подготват економски пакет за македонските граѓани и бизнисот, како и гаранции дека Бугарија ќе ги спроведе одлуките на Европскиот суд за човекови права а кои се однесуваат на правата на Македонците во таа држава. Рече дека е подготвен да разговара со неколку премиери на следниот состанок на Европскиот совет да изгласаат потврда или гаранција за сите работи од суштинска важност и со тој документ да им се покаже на македонските граѓани дека Европа застанува зад многувековниот македонски идентитет.
Ковачевски го одбил предлогот и го протолкува како кршење на преговарачката рамка.
Ковачевски смета дека е потребна влада на обединување, но во неа да членуваат сите партии, од причина што „други сценарија може да доведат до други состојби„.
Иако не постигнаа договор, и двајцата лидери оставија простор за понатамошен дијалог, кој не мора да биде на лидерски средби.
Далиборка Демјанска Цветановска
