Култура

Премиера во НТ-Велес за односот на жртвата и џелатот

 

Пиесата „Нема струја за електричниот стол“, од современиот бугарски писател Александар Секулов, во режија на Дејан Пројковски, ќе биде премиерно изведена  в сабота на 08. април на сцената „Петре Прличко“, во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, Велес. Ова е прва премиера годинава во Велешкиот театар, работена по текст за  кој Секулов во 2016 година ја освои наградата „ Аскер“, за најдобра современа бугарска драма.

  • Оваа црна комедија, изведена во форма на дуодрама, низ иновативен сценски јазик на Пројковски, е изградена во колизијата меѓу актерската игра на сцена и користењето на филмскиот кадар, во функција на сценското дејство. Приказната е сместена сред апокалиптична околност во која се сместени двата лика – оној кој е осуден на смрт со електричен стол и оној кој треба да ја изврши осудата. Дијалогот пласира луцидна, иронична и саркастична приказна која низ мултинаративен систем генерира уникатно сценско доживување. Овој мултимедијален проект има за цел да ги преиспита границите меѓу сценското дејство, филмскиот израз и видеоанимацијата преку постојаното претопување на различните медиуми во единството на театарската претстава, стои во соопштението од театарот.

После големиот успех на претставата „Инферно“, за чии изведби и натаму се бара билет повеќе, ова е втора соработка на режисерот Пројковски со Велешкиот театар. Покрај него, на претставата работеја: Сашо Димоски како драматург, Филип Коруновски како автор на сценскиот дизајн и плакатот за претставата и коавтор на видеодизајнот и анимациите заедно со Борче Конзулов. Музиката и нејзината изведба во живо е на Сашко Костов, а камерите во претставата се на Данчо Стефков и Александар Костов. Актерската изведба им е доверена на Васил Зафирчев – во улогата на Осудениот на смрт и Исидор Јованоски во улогата на Леонард.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Убиства и братоубиства како огледало на човечката несреќа и фракционерство

Igor Trajkov

Со наградите за животно дело – започна 60-тото издание на фестивалот „Војдан Чернодрински“

Дејан Дејан

Започнува 60. Јубилеен МТФ „ Војдан Чернодрински“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе