Оставката на претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, заради притисокот кој го вршела врз неа бизнис одредена бизнис структура е добра илустрација за тоа во каква состојба се наоѓа македонското судство, оцени во вечерашната Топ Тема, професорот по Уставно право, Светомир Шкариќ.
„Немала храброст да ја открие таа структура. Требаше да каже која е таа структура. Ете ни добар пример за тоа како Судскиот совет ги прикрива нештата и состојбите. Се поставува прашањето од каде можел да дојде притисокот. Во овој случај мислам дека е погрешно тоа дека Судскиот совет како да помина преку тоа.“ – изјави Шкариќ.
Тој го потенцираше и своето изненадување од фактот дека во 2018-тата година бил променет Законот за судски совет, при што се предвидува дека Претседател на оваа институција може да биде само оној член кој не е судија, односно членовите кои ги избира Собранието и тоа претежно од редовите на стручните соработници.
„Тоа е вистинско уривање на концепцијата на Судскиот совет. Судија – член на судскиот совет да не може да биде негова претседател, јас мислам дека ретко кој би можел да дојде до таков изум. Тоа може само кај нас да се случи.“ – изјави Шкариќ.
Сепак, тој оцени дека Уставниот суд правилно постапил кога ја укинал таа спорна одредба, додека Венецијанската комисија дала погрешно мислење.
„Тоа е доказ дека априори не треба никому да му се верува, туку да се оценува врз основа на аргументите.“ – вели Шкариќ.
Тоа што кај нас се случува, на чело на Судскиот совет да доаѓаат членови кои не се судии, туку произлегуваат од други структури, тоа е најдобар индикатор на влијанието на политиката врз Судскиот совет и судството, смета Шкариќ,
„Еве го начинот на кој се врши политичко влијание врз работата на судството и тоа е забележано и во извештајот на Стејт департментот.“ – додава Шкариќ.
Шкариќ вели дека овој случај не е само форма на притисок туку и многу итар метод како власта сака да воспостави своја контрола.
