Македонската фудбалска репрезентација ја продолжи лошата форма и за прв пат во историјата загуби од Азербејџан со 1-3 во Скопје на арената „Тодор Проески“. Нашиот тим е во очајна серија од пет натпревари без победа, односно четири порази и само едно реми.
Натпреварот почна добро за Македонија, откако Енис Барди реализираше од пенал во 25.минута за водство од 1-0. Цафаргулиев го израмни резултатот на 1-1 во 38.минута.
Во второто полувреме, останавме со играч помалку во 52.минута откако главниот судија му покажа втор жолт картон на Бобан Николов. Азербејџан ја искористи играчката предност на теренот и погоди за 1-2 преку Курбанли во 65.минута. Десет минути подоцна и гостите добија црвен картон.
Пречката беше наш непријател во два наврати, кога Јани Атанасов и Барди имаа фантастични удари од далечина само во рамката од голот на Азербејџан. Во 88.минута гостите ставија точка на победата преку Шејдајев за конечни 1-3.
Македонија заврши со обврските во 2022 година, а веќе следната година започнуваат квалификациите за Европското првенство, кога ќе мораме да покажеме друга игра и далеку посериозен однос кон националниот дрес.
