Македонската актерка Камка Тоциновски е дел од големиот актерски ансамбл во една од највозбудливите и најквалитетни ТВ серии снимени на Балканот, „Беса“ (од понеделник до четврток во 22:15 на Телма).
Тоциновски го доловува ликот на мистериозната Ана, сестра на еден од главните негативци во серијата. Македонската актерка започна во првата сезона на Беса, додека во втората беше „прекомандувана“ во главниот актерски тим на Беса.
Камка Тоциновски успешно се снајде во серијата која е возбудлив крими трилер кој покрај криминалните врски ги сецира и етничките релации на Балканот.
Преку своите профили на социјалните мрежи, Тоциновски објави и повеќе фотографии од снимањето на Беса.
Покрај регионалната кариера, Тоциновска е активна и присутна во македонската кинематографија, глумеше во двата последни филма на Милчо Манчевски (Врба и Кајмак), во историската комитска драма на Столе Попов „До балчак“ (инаку предците на Камка се запишани во македонската историја како борци за ослободување и во време на Отоманската империја и Илинденскиот период, но и во борбата против бугарскиот фашистички окупатор во Втората Светска Војна).
Една од повпечатливите улоги на Камка Тоциновски е и улогата на Нина во „Панкот не е мртов“, а како актерка во матичниот МНТ е активна и во театарот. Често глумела во претставите на Владо Милчин (Ревизор, Подемот и падот на кабарето и други), Слободан Унковски, Нела Витошевиќ Синиша Ефтимов.
По долгата и активна домашна кариера, Тоциновски ја добива улогата во Беса. Возбудливата и напната крими серија се емитува од понеделник до четврток на Телма во 22:15.
Вечерва (27.10.2022.) е 4-тата епизода од првата сезона насловена „Пад“.
Во претходните епизоди: Урош Периќ е сопственик на мала белградска компанија за транспорт на лекови што го покрива регионот на поранешна Југославија. Има сопруга и две деца.
Една ноќ, кога еден од неговите возачи не може да патува до црногорското крајбрежје, Урош мора сам да ја вози испораката. На море, во близина на Улцињ, возејќи покрај брегот, неговото комбе се судира со автомобил управуван од млада, згодна Албанка.
Во болница, Урош дознава дека девојката е мртва и станува очаен. Девојката која загина во несреќата е ќерка на најголемиот балкански мафијаш Дардан Бериша.
Пред одмаздата, двајцата главни херои од различни светови, мора да склопат „Беса“ за да ја исправат трагичната грешка која ги спои.
Серијата е снимана на 200 локации, во Србија, Црна Гора, Албанија, а големата актерска екипа ја сочинуваат познати имиња од целиот Балкан.