Обвинение против 6 лица за измами со брзи кредити. Ќариле над 3 милиони денари или околу 51.500 евра. Тие се гонат дека внесувале невистинити податоци во информатичкиот систем на финансиските друштва кои издаваат брзи кредити, а во тоа им помагал и вработен во ФЗОМ кој им обезбедувал здравствени броеви на осигуреници. На товар им се ставаат повеќе кривични дела фалсификување исправа, злоупотреба на лични податоци и компјутерска измама.
„Користеле лажни исправи и ги злоупотребувале личните податоци на оштетени физички лица и притоа од финансиските друштва повлекувале брзи кредити на нивно име. Намерата на обвинетите им била за секој од нив да прибават противправна имотна корист.“,соопштија од ЈОРСМ
Четворица од групата од февруари 2023 година до јуни 2024 година, прибавиле имотна корист од околу 40 илјади евра, а останатите во текот на 2022 и 2023 година дополнителни 10 илјади евра. За 33 лица обвинителството бара казнен налог за компјутерска измама. Согласно кривичниот законик тие ќе се казнат со парична казна или со затвор до една година. За 4 лица е запрена истрагата бидејќи немало докази дека учествувале во шемата, а двајца починале во меѓувреме.
Марија Митевска
