Сега е моментот за проширување и да сум на ваше место би ја искористил оваа можност, порача министерот за надворешни работи на Литванија, Кестутис Будрис, според кого треба да се исполнат преземените обврски и од страна на ЕУ и од страна на земјите-кандиадти. Тој за нон-пејперите кои се лиферуваа за забрување на процесот рече дека е многу битно кој и како ги чита.
- „Ако ги чита оптимист, ќе каже дека тоа е побрза патека за да се стане дел од семејството, од клубот. Ако ги чита песимист, тогаш може да се чини дека ова е некоја замена за членство. За да се избегнат вакви толкувања, јас би се концентрирал на она што веќе го имаме договорено – сегашната методологија“ – министер за надворешни работи на Литванија, Кестутис Будрис.
Будрис, кој беше во посета на Македонија, е на став дека за забрување на процесот многу би помогнало Унијата да каже кога е подготвена за проширување, а членството да биде врз основа на заслуги и без поставуавње на максималистички барања до земјите-кандидати.
- „Двете страни треба да направат по некој чекор со некое ветување, заложба, гаранција – како сакате наречете го. Да го свртиме погледот кон иднината“ – Кестутис Будрис, министер за надворешни работи на Литванија.
Сепак шефот на литванската дипломатија рече дека никој не може да даде гаранции за политичките процеси и е на став дека Македонија ќе треба да ги исполни преземените обврски за уставни измени.
Будрис, чија земја на 1 јануари 2027 година ќе го преземе претседавањето со ЕУ рече дека проширувањето ќе и биде приоритете и оти таа дополнително ќе се постави и во улога на олеснувач на процесите, алудирајќи и на билатералните спорови, сепак со задршка дека не зависи се од земјата претседавач.
Министерот за надворешни работи на Македонија, Тимчо Муцунски, рече дека верува во зборовите и желба за напредок на колегата од Литванија, но оти тоа не може да го каже и за Бугарија.
- „Не е дека ние како држава имаме отпор. Свесни сме, и ние во сите наши изјави ако ги следите, не само од мене, туку претседателката на државата, претседателот на владата, велиме да, го чувствуваме овој моментум. Посебно по Тиват се чувствува енергијата за придвижување на регионот. Нема никаква дилема кај нас. Но, ние нема да дозволиме да се реализира тој ризик да ние ги направиме таквите одлуки и повторно да имаме ваков тип на разговори и ваков тип на прес-конференции каде што ќе бидеме во ситуација да една земја членка не блокира“ – Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи на Македонија.
Муцунски притоа рече дека очекува заживување на дијалогот со Бугарија.
- „Дијалогот се случуваше, дијалогот се случува и дијалог ќе има бидејќи го немаме луксузот да немаме дијалог токму заради моментумот за којшто денес разговараме. Но, истовремено не сме лековерни и не сме наивни да мислиме дека туку-така ќе има од Бугарија, за жал ова го велам, но ќе има преку ноќ промена на една позиција којашто е прилично агресивна и радикална“ – Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи на Македонија.
Муцински смета дека треба да се искористи следниот период и да се најде начин на дипломатско ниво да се намалат тензиите и да се разговара врз основа на вредности и принципи и политиката на проширување да биде врз оснава на мерит, а не субјективни критериуми.
Тамара Грнчароска
