Пациентите со траен инвалидитет да не одат на комисија на секои шест месеци за да им се потврди инвалидитетот. Сега, министерот за здравство ја рзгледува можнота да ја укине оваа обврска. Иако законот дозволува овие пациенти да не се појават на Комисија, ова не се применувало во пракса, поради што непотребно биле оптоварувани и пациентите и здравствениот систем. Обврска која според проценките ја чини државата два милиони евра.
„Некои пациенти имаат очигледен проблем со здравјето кое не може да се подобрува. На пример ако некој нема нога не е можно да нема траен инвалидитет бидејќи тоа е орган кој не расте. Јас сум сигурен дека тие комисии мора да работат според законот. Ќе наложам да работат според јасно дефинираните правила, а ако не им се јасни тогаш ќе направиме законски измени“ рече Азир Алиу, министер за здравство.
Една година по преземањето на функцијата министерот Алиу не се откажува од намерата присуството на здравствените работници на работа да се евидентира со отисок од прст. Овој систем за евиденција веќе функционира на дел од клиниките. Но, министерот вели дека за оваа мерка има отпор кај дел од вработените. Решен е да ја спроведе дури и по цена на неговата позиција.
„Фингер принтот веќе функционира во Министерството за здравство. Секојдневно и јас се скенирам. Истиот функционира и во три клиники и тоа во Клиниката за инфективни болести, на дел од Клиниката за трауматологија и во трансфузологија. Но, на тие места се уште е во пилот-фаза бидејќи дел од вработените се на годишен одмор и треба да се вратат па затоа не можеме да имаме сто проценти персонал кои ги има во базата на податоци“, рече Алиу.
Пред најавената реконструкција на Владата, прашан за тоа дали смета дека добро ја врши функцијата и дали очекува да биде сменет, Алиу вели не очекува такво нешто и додава дека според него не е важно колку време бил на функција туку колку промени направил за време на неговиот мандат.
Тамара Марковска
