На петтиот фестивалски ден на 60.издание на фестивалот „Војдан Чернодрински “ во натпреварувачката програма настапи Албанскиот театар од Скопје , со претставата по текстот на Ежен Јонеско „Носорози “, која поставува повеќе прашања, меѓу кои и како идеологијата доаѓа до граѓаните? Беше промовирана и книгата „Театарски приказни“ од Митко Бојаџиски .
На кој начин идеологијата доаѓа до граѓаните? Ова е само едно од прашањата што ги поставува претставата „Носорози“, со која Албанскиот театар од Скопје учествуваше во натпреварувачката програма на петтиот ден на 60. јубилеен театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Претставата ја направи бугарскиот режисер и актуелен директор на театарот „Иван Вазов“ во Софија, Васил Василев, низ современ прочит на драмата на апсурдот на Ежен Јонеско, напишана 1959 година.
Таа зборува за подемот на злото и дивјаштвото во 20 век, со појавата на тоталитарните идологии и силата на поединецот да им се спротивстави, отворајќи повеќе прашања.
- На кој начин идеологијата доаѓа до нас? Што ни прават за таа маса да може да ја загуби нејзината хуманост и да тргне кон животинското? Како личноста се преобразува, какви жртви прави за да го следи тоа стадо и за да се впише во таа нова потреба да биде иста како масата? И најмногу, бунтот на човекот кој решава да се спротивстави и каква жртва плаќа, за да се заштити себе си?- Васил Василев – режисер.
Беранже не е идеален човек, но има сила да му каже не на „носорогизмот“, и по цена да остане сам. Го толкува Шкелќим Ислами.
- Беранже е една од најтешките улоги да се игра, особено заради апсурдот како жанр. Затоа што имавме многу различни идеи , на пример кај улогата, зашто е и херој и антихерој. И вакви улоги секогаш е тешко да се играат зашто треба да внимаваме како актери, за да не влегуваме… Има многу малку за да не биде патетичен. Така што мене секогаш многу ми помагаше режисерот- Шкелќим Ислами –актер.
На фестивалот се одржа промоција на книгата „Театарски приказни“ од драмскиот автор Митко Бојаџиски.
Во неа има 30 текстови за работата во театарот и на филмот од истакнати театарски уметници, меѓу кои и еден од авторот. Се започнало, вели Бојаџиски од средба со Димче Мешковски на кого му се допаднала идејата, да се напишат приказни, за да не се заборават.
- Тоа се приказни , практично од сите жанрови. Заедничкото е тоа што , и поентата беше таа, актерите да раскажат приказни од сцената, зад сцената, за кои што мислат дека треба да се запишат, да не се заборават – Митко Бојаџиски- автор на книгата.
Покрај Мешковски, свои приказни раскажуваат Благоја Чоревски, Коле Ангеловски, Ванчо Петрушевски, Никола Ристановски, Драган Спасов- Дац и др.
За Телма од Прилеп- Сотир Трајков
