Под мотото „Очи широко затворени“, синоќа, 10 јуни, во Тетово започа 15-то издание на Меѓународниот филмски фестивал WatchOut!, кој ќе трае до 12 јуни.

Официјалното отворање се одржа во 20:00 часот, на Амфитеатарот пред Музејот на Комунистичката партија во Тетово. Свои поздравни говори имаа претставници на Гете-институтот и директорот на Центарот LOJA за балканска соработка, Бујар Лума. А вечерва ќе бидат доделени награди на победничките филмови на овогодинешното издание.

„Мотото на фестивалот е „Очи широко затворени“, како реакција на реалноста што се случува денес во нашата земја, во нашето опкружување, но и во светот воопшто. Филмовите се повеќе или помалку од ваков карактер“, рече на прес-конференцијата, директорот на Центарот LOJA, Бујар Лума.

Според организаторите, фестивалот WatchOut! има за цел да промовира директна, сурова и храбра кинематографија, во време кога вистината често се искривува и преобликува.
Публиката ќе има можност бесплатно да проследи 399 филмови од 62 земји и 6 континенти.

Жирито, составено од Ана Бернхард од Германија, Роберт Алаѓозовски од Северна Македонија и Иљет Аличка од Албанија, ги објави победниците во три категории. Наградата за краток игран филм му беше доделена на „Додека Бог не сака“ од режисерот Давид Фернандез од Шпанија.

Во категоријата експериментален филм и анимација беше награден „Сулајмани“ од Вини Ан Бозе од Франција, додека наградата за документарен филм му беше доделена на „Истанбулската конвенција одржува жива!“ од режисерката Ф. Есра Јилдиз од Турција.

За време на фестивалот, во Центарот LOJA ќе бидат организирани и работилници, водени од режисерката Ф. Есра Јилдиз и шпанскиот актер Ињиго Салинеро.
Б.С.
