Aгенцијата за обезбедување „Рубикон“, нејзиниот формален сопственик Јане Јанчевски, и неформалниот сопственик како што тврди обвинителството Александар Нацев беа денеска во фокусот на докзаита за трагедијата во кочанската дискотека Пулс. За вистинскиот сопственик Јане Јанчевски беа презентирани низа документи на коишто тој има ставено потпис, но за неформалниот сопственик Нацев само неколку. Тој никаде не фигурира во Централниот регистар во Рубикон, но обвинителството тврдеше дека со тоа што е најдено при претресот огромна документација кај него за работењето на агенцијата ќе докаже дека и тој сноси одговорност за тоа што се случи во дискотеката „Пулс“. Беше презентирана и визит-картичка од „Рубикон“, но одбраната инсистираше јавноста да види дека неа пишува дека се работи за консултант во „Рубикон“.
„Ниту еден доказ од таа обемна документација не е пронајдена во домот на Нацев и дека се работи за документација која била пронајдена подоцна при претрес на возило, меѓутоа документација која не укажува на тоа дека ова лице има било каква сопственичка структура во друштвото за обезбедување на имот и лица „Рубикон“, рече Дејан стојчев – адвокат на Нацев
ККко доказ беше изведен и сертификат на Јанчевски за полиграфско тестирање, но и уште два бланко сертификати сите издадени од Европскиот универзитет каде професор беше Нацев. Меѓу документите имаше и планови за тоа што биле обврските на обезбедувањето но за други објекти не и за Пулс. На сите беше потпишан вистинскиот сопственик Јанчевски освен на еден на кој потпис ставил Нацев. Во плановите меѓу другото пишува дека обврска на обезбедувањето е да контролираат дали се внесуваат и пиротехнички сретства и ласери.
„Такви планови се изработуваат кога се потребни најмалку 5 обезбедувачи а во конкретниот случај според обвинението биле 4 и поради тоа таков план не бил изработен и со тоа нема доказ дека членовите на обезбедувањето имале конкретни задачи“, рече Зоран Зафиров, адвокат на Захариев.
Инаку според обвинителството договор за услуга меѓу „Рубикон“ и „Пулс“ немало. Постоел за патролно обезбедување меѓу „Рубикон“ и „ММММ Кафе“ но тој бил само за изигрување, за да се прикаже дека има некаков договор. За потписот истакна дека не е на сопственикот на агенцијата и нема датум на склучување. За останатите четворица обезбедувачи коишто вечерта биле во дискотеката „Пулс“ исто така беа презентирани докази, односно пронајдени вештачења од примероци од крв и урина. Кај ниту еден не било констатирано дека има присуство на алкохол, само кај еден психотропни супстанци. Нивната одбрана тврдеше дека тие вечерта спасувале животи и дека ќе докажат дека се невини.
Билјана Николова
