Две претстави беа изведени на шестиот ден на 60. Македонски театарски фестивал „ Војдан чернодрински“ во Прилеп. Македонскиот народен театар со „ Страв и надеж“ настапи во натпреварувачката програма, а во офф програмата беше прикажана претставата „ Драга Јелена Сергеевна“. Се одржа и трибина, насловена „Колку е современ театарот во Македонија“.
Хиперреалистичен приказ на стварноста, во која современиот човек е исправен меѓу стравот за егзистенција и надежта дека ќе биде подобро, донесе постановката на МНТ –„Страв и надеж“, прикажана во натпеварувачката фестивалска програма. Претставата е работена по текст на германскиот автор Франц Ксавер Крец, во режија на Татјана Мандиќ – Ригонат, од Србија. Таа нуди лично доживување на актуелната стварност, комбинирајќи драмски и епски театар.
- Јас видов можност да кажам нешто многу лично. Значи, тие стихови што ги споменувате, тоа се песни што јас ги напишав. Тоа е значи мој коментар, всушност не е коментар туку доживување. Доживувањето е посилна работа од коментарот- Татјана Мандиќ- Ригонат – режисерка.
Во офф програмата беше изведена гротеската „ Драга Јелена Сергеевна “ , по текст на Људмила Разумовскаја, во режија на Шенај Мандак, во моментот најдобрата млада режисерка во нашиот театар . Претставата во продукција на ФДУ , се фокусира на образовниот систем во кој наставниот кадар е атакуван од ученици, за повисоки оценки.
- И страната на наставничката и страната на учениците си имаат доволно аргименти за да си го оправдаат тој генерациски судир. Мислам дека тоа е многу важна тема на која треба да се обрне внимание- Шенај Мандак- режисерка.
На трибината „Колку е современ македонскиот театар, денес“ уметниците се пожалија на пречките со кои се соочуваат при работата во институциите. А, истакнаа и дека формите на современиот театар кај нас не се преведени.
- Отпор кон одредени автори или одредени теми. Или на одредени видови истражувачки процес, можеби. Независната сцена дава повеќе слобода- Тамара Стојановска – режисерка.
- Партиципативен театар, односно вклучувачки, имерзивен. Овие термини не сум сигурен дали имаат соодветни преводи на македонски јазик- Милош Андоновски- режисер и едукатор.
Беше констатирано дека независниот театар е посовремен од институционалниот.
Фестивалот „Војдан Чернодрински “ вечерва навлегува во неговата завршница. Па, ќе бидат прикажани две претстави. Во продукција на НТ-Битола ќе биде изведена претставата „Едмонд“, во натпреварувачката програма. А, во офф програмата ќе биде изведена претставата „Сина сенка “ на независниот театар „ Златен елец“ од Скопје.
Утре напладне ќе бидат соопштени добитниците на фестивалските награди. А, утревечер по врачувањето на наградите, ќе биде изведена претставата „ Црно злато“ , со која ќе гостува Белградскиот драмски театар . Станува збор за претстава, направена според најновиот текст на нашиот Дејан Дуковски, во режија на Оливеќ Фрлиќ.
Од Прилеп за Телма Тв – Сотир Трајков
Б.С.
