„Поставете целосно свечена маса со комплет севис за четворица . Целиот сервис е од бел порцелан или проѕирно стакло. Наполнете ги сите предмети, приборот за јадење и т.н. со вода “.
Ова е реконструираното дело „ Водна маса“ на Кен Фридман, најмладиот член на неоавангардното уметничко движење Флуксус, од 60 – тите и 70-тите години на 20 век, во САД. Инсталацијата се однесува на водната маса како геолошки поим, а за прв пат била поставена на изложбата „ Ова не е тука“ на Јоко Оно и Џон Ленон, во музејот Еверсон во Саракуза -Њујорк. Реконструкции на ова и на уште три дела на Фридман, реализирани како инструкции, објекти и инсталации, се изложени во Музејот на современа уметност во Скопје . во рамките на неговата изложба „ 92 +1“.Таа го доловува богатиот творечки опус на овој 76 годишен уметник, кој од мал експериментирал и бил предвесник на концептуалната уметност пред таа да се етаблира, вели кураторот на изложбата.
„Едноставно запишувал идеи. Тој не бил свесен дека тоа може да биде наречено некаква уметност. Затоа што е и рано за концептуалната уметност, сфатена како една посебна пракса , која се наоѓа во проширеното поле на разбирањето на уметноста“, вели кураторот на изложбата Владимир Јанчевски.
Поминаа 60 години откако инструкциите на Фридман, што ги нарекува резултати, го привлекле вниманието на коосновачот на Флуксус, Дик Хигинс. Тој го препорачал, да се приклучи на Флуксус, на 16 годишна возраст.
„Кога Дик Хигинс убаво ги виде овие работи, ме испрати кај Џорџ ( Месиунас) и потоа тој ме покани да се придружам на Флуксус, поради нештата за кои размислував да ги направам“, рече Кен Фридман- концептуален уметник и дизајнер)
Отворени или со строги насоки што треба да се почитуваат, творбите на Фридман се наративи. Иронични, забавни, субверзивни, ја доловуваат уметноста без граници, што ги крши академските правила. А, како ги создавал?
„Тоа се менува со секоја идеја. Нешто за што можете да размислите, нешто што можете да направите, нешто што можете да изградите. Јас навистина не знам од каде доаѓа идејата. Понекогаш имам идеја и работам на неа и потоа има резултат“, вели Кен Фридман- концептуален уметник и дизајнер.
За оваа изложба во МСУ, Кен Фридман заедно со уметникот и дизајнер, Ѓоко Муратовски го реализира делото „ Изгубениот град“. Посветено е на архитектонското богатство на Скопје , создадено по земјотресот до деведесетите години на минатот век, низ приказ на 14 објекти. Покрај мапата со планот на Скопје , изработен од Обединетите Нации, на поштенските картички нема фотографии на зградите. Објектите се прикажани со нивното име, авторот и годината кога биле изградени.
„Зградите не ги покажуваме, иако се обележани и маркирани затоа што тие згради повеќе не се во тој вид, како што биле оригинално замислени. Или се распаѓаат, или ги нема повеќе, или се напуштени“, рече Ѓоко Муратовски- дизајнер.
Делото е најава за книгата на Муратовски што ќе биде објавена во странство ,на англиски јазик. Авторот се надева дека тоа ќе продолжи со проектот „ СК ЕПК 2028 година“.
А, изложбата „ 92+1“ ќе биде отворена до 10 јули. Дотогаш, целата поставка што Кен Фридман ја остава на музејот ќе се прошири со други негови реконструирани дела за радио , за јавен престор и со реинтерпретации од студентите на ФЛУ. Доказ дека уметничките практики од минатото се инспиративни за новите генерации иметници.
Сотир Трајков
