„Имавме добра прва средба со министерот за надворешни работи на Македонија, Тимчо Муцунски. Бугарија има јасно изразена позиција, која од 2022 година повеќе не е билатерално прашање, туку е прашање на дискусија меѓу Европската Унија и земја кандидат. Овој прозорец за проширување може да се отвори во наредните години, а доколку не ја искористат оваа можност, навистина може да изгубат“, изјави бугарската министерка за надворешни работи, Велислава Петрова-Чамова, во Брисел, каде што учествуваше на состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската Унија.
Неформален работен појадок со земјите од Западен Балкан се одржа и претходно во текот на денот, пренесува БГНЕС.
- „Оваа позиција беше потврдена и денес. Драго ми е што во Бугарија има многу широк политички консензус за тоа. Им го кажав ова и на нашите северно македонски партнери. Очекуваме активности од нивна страна што ќе покажат дека имаат целосна политичка подготвеност да продолжат напред по својот европски пат“, додаде таа.
„Бугарија останува исклучително поддржувачки фактор. Исто така е важно за нас да видиме поголема активност и посилна акција од нивна страна во врска со веќе постигнатите договори. Тие имаат единствена можност. Гледаме дека земји како Црна Гора и Албанија остваруваат сериозен напредок. Овој прозорец за проширување може да се отвори во наредните години, а доколку не ја искористат оваа можност, навистина може да изгубат. Тие треба да се придржуваат до договорот од 2022 година и да преземат потребни политички чекори. Тие треба да го отворат својот европски пат“, рече Петрова-Чамова.
Во третата минута од видеото подолу Велислава Петрова-Чамова, зборува за Македонија.
Прeтходно денеска, Тимчо Муцунски рече дека „е потребно да се оттргнеме од билатерализацијата на критериумите за пристапување“. БГНЕС потсетува дека во јуни 2022 година Северна Македонија го прифати таканаречениот „француски предлог“, одобрен од сите земји-членки на ЕУ. Според Преговорната рамка, за да започнат преговорите меѓу Македонија и ЕУ, Бугарите мора да бидат вклучени во преамбулата на македонскиот Устав. Северна Македонија мора да се придржува и до Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија од 2017 година, како и двата протоколи кон него.
Доцна вечерва шефот на македонската дипломатија на Фејсбук објави појаснување дека денес немал официјална билатерална средба во бугарската колешка, Велислава Петрова Чамова.
Воедно, би сакал да потсетам дека користењето на терминот „северномакедонски“ за означување на македонскиот народ е неточно и несоодветно. Македонците се Македонци. Ова не е прашање на политика, туку на основно почитување на идентитетот и достоинството на еден народ, пишува Муцунски.

Проширувањето е приоритете на ЕУ, но само со спроведени реформи
Б.С.
