Вести Свет

Поранешниот бразилски претседател Болсонаро останува во домашен притвор

Судијата на Врховниот суд на Бразил, Александар де Мораеш, пресуди дека поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро може да остане во домашен притвор од здравствени причини, се наведува во денеска објавената судска одлука.

Британските медиуми потсетуваат дека Болсонаро (71) од минатиот ноември отслужува 27-годишна затворска казна за заговор за државен удар откако ги загуби изборите во 2022 година од претседателот Луиз Инасио Лула да Силва.

Одбраната се обиде и успешно го задржа поранешниот претседател во домашен притвор, тврдејќи дека Болсонаро ќе добие подобра медицинска нега дома со оглед на неговите здравствени проблеми.

Поранешниот претседател, кој беше избоден за време на изборната кампања во 2018 година, се соочи со големи здравствени проблеми во последните години.

„Во овој момент, продолжувањето на хуманитарниот домашен притвор изгледа разумно, соодветно и пропорционално“, наведува Мораеш во одлуката, истакнувајќи дека здравјето на Болсонаро се подобрило додека ја отслужувал казната дома.

Во март, Мораеш му одобри на поранешниот претседател да помине 90 дена во домашен притвор од медицински причини откако беше хоспитализиран со акутна форма на пневмонија.

Новата пресуда е олеснување за Болсонаро и следува по инцидентот од минатиот месец кога огнено оружје во сопственост на поранешниот претседател беше запленето од неговото обезбедување за време на полициска проверка.

Претходно неделава, главниот обвинител Пауло Гонет издаде мислење побарано од Мораеш, препорачувајќи поранешниот претседател да биде во домашен притвор и покрај инцидентот со огненото оружје.

Мораеш се согласи со мислењето на обвинителот, наведувајќи дека нема докази за „сериозно недолично однесување“ од страна на Болсонаро за време на почетниот период на домашен притвор.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Зеленски: Украина може на долг рок да ја надмине Русија во производството на високотехнолошко оружје

Дејан Дејан

НАТО во следните две години ќе и додели на Украина 140 милијарди евра воена помош

Дејан Дејан

Трамп од планината Рашмор ги предупреди Американците на „комунистичката“ опасност за САД

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе