Вести Најважни Свет

Илјадници Иранци присуствуваа на првиот ден од погребната церемонија на ајатолахот Хамнеи во Техеран

Илјадници ожалостени Иранци се собраа денеска во големиот молитвен комплекс во Техеран на почетокот од неделата на погребни церемонии за врховниот лидер, Али Хамнеи.

Церемониите започнаа со изведување на националната химна, верски говори и читање извадоци од Куранот.

Иран организира масовни погребни поворки за Хамнеи, чие 37-годишно владеење заврши во февруари по првиот голем воздушен напад во војната што ја започнаа САД и Израел.

Британските медиуми пренесуваат дека со овие церемонии, властите се обидуваат да покажат јавна лојалност кон Исламската Република, нејзиниот теократски поредок и револуционерните идеали.

Телевизиските снимки го покажаа ковчегот обвиткан со иранско знаме и црниот турбан на Хамнеи. Тој беше поставен на голема црна платформа, заедно со уште четири ковчези на членови на неговото семејство кои исто така беа убиени во израелско-американските напади.

Големиот двор на молитвениот комплекс „Имам Хомеини“ беше исполнет со ожалостени кои мавтаа со ирански знамиња и носеа фотографии од убиениот лидер.

Државната телевизија прикажа како толпата скандираше „Смрт за Америка“,  нарекувајќи го Хамнеи „маченик“.

Во други видеа објавени од државните медиуми можеа да се слушнат извици: „Нашиот слоган е еден збор: одмазда, одмазда“ и „Ќе го убиеме оној што го уби нашиот имам“. Поради високите летни температури, толпата се разладуваше со прскалки за вода инсталирани на покривите.

Ковчегот на Хамнеи ќе остане во комплексот до утре вечер, по што е предвидено телото да биде однесено во Ком, Наџаф и Кербала, најважните шиитски религиозни центри во Иран и Ирак, пред да биде погребано во четврток во Машад, градот каде што се наоѓа најсветото место за поклонение во Иран.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Голем напад со дронови врз Санкт Петербург

Дејан Дејан

Поранешниот бразилски претседател Болсонаро останува во домашен притвор

Дејан Дејан

Зеленски: Украина може на долг рок да ја надмине Русија во производството на високотехнолошко оружје

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе