Со чамци до пристаништето Гранадилја, со автобуси до аеродромот во Тенерифе, без да имаат контакт со локалното население. Заврши сагата со бродот што не го сакаше никој поради појавата на хантавирус. Сто и четириесет патници од 20 различни националности беа евакуирани од крузерот на компанијата „Оушнвајд Експедишн“ и со организирани летови се упатија кон своите земји.
Медицинските прегледи на шпанските здравствени работници утврдија дека ниту еден од нив не пројавува симптоми на хантавирус, што беше причина за три смртни случаи на бродот „Хондиус“ кој ќе биде упатен на дезинфекција во Холандија под чие знаме плови. За време на крстарењето, крузерот го напуштија околу 40 патници при застанување на островот Света Елена во јужниот Атлантски океан.
„Целата група патници е асимптоматска. Првата група што ќе биде истоварена ќе бидат шпански државјани за кои авионот е веќе подготвен за нивни трансфер. Следниот авион за евакуација ќе биде за Холандија, кој ќе ги прифати и граѓаните од Германија, од Белгија, од Грција и дел од екипажот. Потоа, ќе бидат закажани и другите летови. Не се пријавени никакви инциденти.(Патниците од) Канада, од Турција, од Франција, од Велика Британија, од Ирска и од САД ќе се истоварат кога нивните авиони ќе бидат закажани за полетување. Последниот лет во целата операција е закажан за утре за Австралија“, изјави Моника Гарсија, министерка за здравство на Шпанија.
Операција за евакуација на патниците од крузерот до пристаништето на Канарските Острови ја надгледуваше и првиот човек на Светската здравствена организација.
„Оваа болест не е Ковид и тоа го кажавме многу пати. И кога го кажуваме ова, не го сфаќаме лесно“, порача Тедрос Гебрејесус, генерален директор на СЗО.
Хантавирусот обично се шири при вдишување на контаминирани остатоци од измет од глодари, не се пренесува лесно меѓу луѓето, но може да предизвика две тешки форми. Едната ги погодува белите дробови, а втората ги напаѓа бубрезите. Симптомите обично се појавуваат помеѓу една и осум недели по изложеноста.
Сашко Димовски
