Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) најостро го осудува непрофесионалното и недозволиво постапување на директорот на Центарот за вработување во Тетово, Нехат Османи, како и на лицата кои биле присутни во неговата канцеларија, кон новинарот Александар Самарџиев и снимателот Зоран Тодоровски од ТВ Телма.
Според информациите од колегата Александар Самарџиев, додека се обидувале да добијат изјава за поплаките на граѓаните за долгото чекање при поднесување документи за мерките за самовработување, биле изложени на притисок снимениот материјал да биде избришан. Особено загрижува фактот што снимателот бил принуден да ги избрише снимките, по барање на директорот и други присутни лица.
ЗНМ потсетува дека секое попречување на работата на новинарите, притисок, закани или присилување за бришење на новинарски материјали претставува сериозен напад врз слободата на медиумите и правото на јавноста да биде навремено и објективно информирана.
Го повикуваме Министерството за внатрешни работи без одлагање да ги утврди сите околности на овој случај, да ја испита евентуалната одговорност на сите инволвирани лица и да постапи согласно своите законски надлежности.
Институциите и носителите на јавни функции имаат обврска да обезбедат услови за непречено известување, а не да вршат притисок врз новинарите и медиумските работници. Заштитата на новинарите е предуслов за функционирање на демократското општество и за остварување на правото на јавноста да знае.
