Премиерот Христијан Мицкоски, во гостувањето во емисијата „Директно“, упати остри критики до опозициските партии Левица и СДСМ за, како што рече, опструкција на веќе договорените измени во Изборниот законик. Тој нагласи дека владата постигнала консензус кој вклучувал сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР, но дека политичките калкулации го закочиле процесот.
Мицкоски појасни дека во текот на изминатиот викенд бил постигнат целосен консензус за реформите во изборното законодавство. Според него, сите барања на политичките партии, вклучително и специфичните барања на Левица за финансирање на кампањите, биле инкорпорирани во текстот.
- „Она што ја прели чашата беше обидот на Левица по милионити пат да калкулира. СДСМ го следеше нивниот пример и преку филибастеринг и опструкции се обидоа да го блокираат законот за кој претходно се договоривме. Постојат записници и автентични документи од тие преговори каде нивните барања се прифатени,“ изјави Мицкоски, нарекувајќи го ваквото однесување „неетичко и нецивилизирано“.
На обвинувањата од СДСМ дека се подготвува „изборен грабеж“, премиерот одговори со подготвеност за прифаќање на нивните амандмани доколку тие навистина се проблематични. Станува збор за начинот на заокружување на гласачкото ливче (име наспроти бројка) и пост-изборните жалбени постапки.
- „Ако тоа е проблемот, нека поднесат амандмани и веднаш ќе ги прифатиме. Тоа не се наши барања, туку беа дел од поширокиот дијалог. Нема да дозволиме лажни обвинувања да го дефокусираат процесот,“ потенцираше Мицкоски.
Премиерот јасно ја подвлече „црвената линија“ на неговата партија: воведување на електронско гласање за македонската дијаспора, почнувајќи од следните претседателски избори.
- „Нашето единствено барање е да се овозможи дијаспората да гласа електронски. Тоа е важно поради цензусот кај претседателските избори, но и поради високите трошоци за испраќање изборни комисии низ светот. Во ера на вештачка интелигенција и дигитализација, недозволиво е да не им го олесниме правото на глас на нашите граѓани во странство кои придонесуваат за државата,“ истакна тој.
Мицкоски ја заврши својата изјава со повик за поголема политичка култура и одговорност. Според него, недозволиво е партиите да учествуваат во преговори, да се согласуваат со решенија, а потоа јавно да се оградуваат од нив.
- „Мораме да се научиме на политичка култура. Ако сте постигнале договор, морате да го браните. Ова е прашање за иднината на државата, а не за нечија лична политичка кариера,“ заклучи премиерот Мицкоски.
