Каде заглави новиот Изборен законик? Во Собранието молк, на комисии други закони ама неизвесност околу изборните прописи. Недостатокот на консензус во рамки на работната група која работи на новиот документ сега ќе надоместува со обид за договор помеѓу координаторите на пратеничките групи во законодавниот дом.
Извори од пратеничките групи за Телма брифираат дека ќе му дадат шанса на процесот неколку дена, пред да се знае судбината на Изборниот законик – нешто што е дел и од реформската агенда на земјата. А, денеска продолжија меѓупартиските преписки и критки за измените во изборното законодавство.
Од СДСМ вчера најавија блокади, со илјадници амандмани и ја обвинија власта дека отвора врата за изборна кражба и манипулација. Од Левица посочија дека за Изборниот законик нема консензус и во последен момент е вметнат член што предвидува казни до 8.000 евра за објави на социјалните мрежи. Партијата бара решенија за финансирање на независните кандидати, гласање на дијаспората, финансирање на изборните кампањи и воведување една изборна единица.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска со одговор до двете опозициски партии – коалицираат за блокада на Изборниот законик.
„СДС и Левица здружено, ќе го блокираат Изборниот законик, оној кој со месеци го договараа. Истиот Закон во кој ВМРО-ДПМНЕ прифати сѐ што тие предложија. Единствено нешто што побаравме е по електронски пат нашата дијаспората да може да гласа уште на следните претседателски избори. Прво го прифатија ова наше барање, а денес истите го блокираат. Јавноста мора да знае, дека овој Закон е дел од Реформската агенда, и тој се носи со сугестии и забелешки од страна на ОБСЕ и ОДИХР“, изјави Валентин Манасиевски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Мицкоски, вчера вечерта упати повик до лидерот на опозицијата Филипче, да предложат амандмани за корекција на начинот на заокружување и поднесување приговори и власта веднаш ќе ги прифати.
Но, СДСМ нема промени во своите позиции – брифираат од партијата и во денешното соопштение повторно велат дека целта им е да спречат изборен грабеж.
„СДСМ го блокира законот за да спречи изборен грабеж и затоа што одбива да учествува во уште еден закон скроен по мерка на организираната криминална група ВМРО, во момент кога Владата не исполни ниту еден сериозен реформски услов кон ЕУ“, се вели во денешното соопштение на СДСМ.
Недостатокот од консензус денеска го посочија и од албанскиот блок партии. Опозициската ДУИ порачува: „секогаш сме за етнички и политички консензус“. Но, тоа велат дека не зависи само од нив.
„Повторно стоиме на ставот дека е направен напредок, но очигледно недостасува политички консензус за да се усвои Изборниот законик. Правилата овозможуваат и филибастеринг и блокирање на процесот на донесување на Изборниот законик бидејќи т.н. „Жан Моне правила“ не се однесуваат за Изборниот законик. И очекувам дека сепак партиите ќе рефлектираат и ќе најдат некој заеднички околу целиот овој процес“, изјави Арбер Адеми, генерален секретар на ДУИ.
Претставници на независните и на ЛДП во Топ Тема со оценка дека ниту предложените решенија ниту начинот на кој се обидува власта да ги донесе е демократски, ниту е европски.
„Ситуацијата најмногу се запна околу одредени работи како изборниот модел, платеното политичко рекламирање“, кажа Дејанчо Цветановски, член на ИО на ЛДП.
„После сите овие работни групи, состаноци, предлози и така натаму, промените се сведоа на дијаспората. Ние дадовме 12-13 предлози и барања коишто многу елегантно може да се направат. Работата е во тоа што наидовме на еден игнорантски однос“, влеи Билјана Ивановска, поранешна претседателка на ДКСК.
„Седнале на една маса и единствено нешто за коешто разговарале е како да ги земат тие пари од граѓаните кои се во буџетот на државата“, рече Габриела Илиевска од независната иницијатива „Поинаку“ од Битола.
Изборниот закон е дел од пакетот закони кои според реформската агенда треба да се донесат до крајот на јуни.
Петар Догов
