Вреди се окрупнува ама и се факторизира. Вака гласат пораките кои доаѓаат од лидерството на коалицијата, која за еден ден прераснува во политичка партија. Изет Меџити е цврсто убеден дека владејачкиот коалициски партнер од утре па натаму ќе добие на влијателност кај гласачите етнички Албанци во земјава. Вреди утре на 9 Мај, на Денот на Европа, одржува конгрес на обединување.
„Влен со ова се факторизира, станува поголемо и ќе има многу поголема апсорпциона моќ – посебно кај независното членство и кај незадоволните од албанската опозиција. И тоа ќе се види веднаш од формирањето па натаму“, изјави Изет Меџити, еден од лидерите на Вреди и градоначалник на Општина Чаир.
По обединувањето, Владата ќе го започне процесот на реконструкција. Засега, сѐ уште не постои конкретен договор помеѓу партнерите за тоа колку министерски позиции ќе добие Вреди откако ќе стане една партија, вели Меџити.
Бројни дилеми има околу ресорите, ротациите и имињата кои ќе бидат опфатени, а во однос на министрите Фетаи и Лимани кои полека се разидуваат со владиниот кабинет, Меџити без конкретен одговор.
„Ние сега сме фокусирани на Влен, штом ова го заокружиме, со премиерот сме начелно договорени дека ќе има реконструкција на Владата. Но, само начелно. Не сме ги преговарале ни принципите, ни дали ќе останеме на овие ресори или ќе има замена на ресорите. Кога ќе навлеземе во тоа ќе преговараме. Тука не зборуваме за индивидуалци туку за принципи на пет политички субјекти коишто се претопуваат во еден“, кажа Меџити.
Околу прашањето за предвремени парламентарни избори, од Вреди се на став дека мнозинството е големо и речиси двотретинско, па ниту еден фактор не оди во прилог на предвремено изборно соочување. За опонентите од опозицијата велат дека иако постојано бараат парламентарни, тие не го посакуваат тоа туку наративот им е за да го задржат членството.
Петар Догов
