Населението ќе старее, ќе има сè помалку млади. Неопходни се итни реформи во пензискиот фонд. Сето ова е нотирано во најновиот извештај на ревизорите за стареење на населението. Анализата покажува дека ќе расте бројот на лица од над 65 и над 80 години, но за, речиси, половина милион ќе се намали бројката на работоспособно население од 15 до 65 години.
„Демографските проекции за нашата држава се негативни односно учеството на лицата над 65 години ќе се искачи на над 34 % до 2055 година, бројот на лица над 80 години ќе се зголеми повеќе од шест пати во однос на состојбата во 2024 година, додека работоспособното население ќе се намали за речиси половина милион лица“, пишува во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Ова значително ќе го зголеми притисокот врз пензискиот фонд кој низ годините се соочува со финансиски проблеми, па поради тоа постојано се прави дотур на пари од државниот буџет таму за да може да се исплаќаат пензии. Во извештајот на ревизорите се наведува дека, иако пензиите се исплаќаат навремено, тоа се постигнува со големи и растечки буџетски трансфери, но и со одложување на структурни реформи. Од ДЗР сметаат дека треба да има промени и во стапката на придонес и кај годините за одење во пензија.
„Без да се променат, сегашната утврдена стапка на придонес и години на пензионирање, учеството на средства од буџетот во сервисирање на обврските на првиот пензиски столб ќе се зголемува и во апсолутни бројки и како % на учество во БДП, достигнувајќи високи негативни 7,4% од БДП во 2057 година“, се наведува во извештајот.
Посочуваат и дека во 2024 и во 2025 година, пензиите неколку пати се зголемиле линеарно кое не било во согласност со зголемувањето на платите на осигурениците и со бројот на осигуреници кои плаќаат придонеси.
Стои и дека и покрај усвојување на повеќе стратешки документи, нивната имплементација не е на задоволително ниво.
Исто така, ревизорите имаат и забелешки и за грижата на стари лица. Стратегијата за оваа намена е истечена уште пред шест години и нов документ за тоа нема. Од друга страна, пак, прогнозите се дека ако сега над 60.000 лица над 65 години имаат потреба од долгорочна нега, за неколку години оваа бројка ќе надминува 100.000.
Ирена Чачкова
