Владините коалициски партнери не разговарале кој ќе ја напушти министерската фотелја и каде ќе се ротираат кадрите, тврди премиерот Мицкоски. Темата не била отворена поради внатрешните промени во структурата на дел од партиите од власта.
Премиерот пред два дена изјави дека најдоцна до јуни ќе се реализира реконструкцијата на Владата. Сега вели дека одлуките ќе се носат откако ќе се создадат услови за посуштинска анализа.
„Не сме разговарале бидејќи и коалициските партнери, но и ВМРО-ДПМНЕ имаат внатрешни прегрупирања и реструктурирања. Јас очекувам во мај, јуни месец да се седне и да се поразговара и апсолутно да, ќе поразговараме отворено на сите теми – кои од кадрите потфрлија, кои од кадрите не потфрлија, кои треба да се променат и кои не треба да се променат, кои треба да ротираат, кои портфолија треба да ротираат. Кога ќе имаме повеќе супстанца поврзана со вашето прашање, ќе дадеме одговор“, изјави премиерот Мицкоски.
Премиерот сепак сѐ уште не открива дали е незадоволен од работата на дел од министрите.
„Не би коментирал повеќе од ова што кажав“, дополни Мицкоски.
Во делот на внатрешните прегрупирања, кај ВМРО-ДПМНЕ веќе е помината првата фаза. Од партијата информираат дека во тек е интервјуирање на кандидатите за претседатели на општинските комитети, Унијата на млади сили, Унијата на жени и Унијата на ветерани. Очекувањата се дека до крајот на април или почетокот на мај ќе се комплетира овој процес.
Владиниот партнер Вреди, сега е во фаза на обединување и формирање на еден политички субјект. Извори оттаму за Телма брифираат дека за мај планираат конгрес, а во моментов партиите кои се дел од коалицијата се во преговори за распределба на функциите во партиските органи на новиот субјект.
Во меѓувреме, околу прашањето дали се разговара и за окрупнување на мнозинството и нови коалициски партнери во Владата, премиерот Мицкоски пред два дена беше дециден дека не гледа простор за коалициски договори и преговори со други политички субјекти. А, нов политички субјект со име „Албански сојуз“ се формира во албанскиот блок партии. Ова го најави лидерот Зијадин Села во интервју за медиумот „Лајм“, само една недела откако Основниот суд во Тетово одлучи дека партиските печати на Алијанса му припаѓаат на Арбен Таравари.
Петар Догов
