„Го бараме она што сме го заслужиле и сработиле“ е пораката која работниците и синдикалците ја испратија од денешниот протест организиран од ССМ. Претставниците на Синдикатите повторија дека е потребно 600 евра минималец сега а не во 2028 година и линеарно зголемување на сите плати за да се задржи работната сила и младите во државата.
Од ССМ посочија на притисоци врз членството од Владата и владејачката ВМРО – ДПМНЕ и порачаа дека заканите и личните дискредитации нема да ги поколебаат.
Тука сме за сите неисплатени регреси, неисплатени минати трудови, за додатоци на плата, надоместоци на плата. Особено за работниците во приватниот сектор. Крвта ни ја испија и сега им е малку. Секој ден ќе ги потсетуваме дека се лопови, без срам како што тие немаат срам да седат и само за нив да гледаат а не и за нас , нашата работа и нашите фамилии. Ако се фалите дека сме трета или четврта економија покачете ги платите, кажа Иван Пешевски, потпретседател на ССМ.
Пратениците треба да ги штитат примањата на работниците како што ги штитат нивните плати и зголемувањето од 78 проценти. Платите во образовнието мора да се зголемат, а во културата мора да запре самоволието на министерот Љутков се дел од пораките од протестот.
-Бараме од пратениците да изгласаат повисока минимална плата. Нормална и достоинствена. Бараме линеарно зголемување на платите. Бараме почитување на Колективните договори во образованието, не затоа што нам ни текнало бидејќи законот така вели, кажа Томислав Гиевски, претседател на НСОН.
–Тука сме да порачаме дека министрите не се над законите. Министерот за култура наместо да го девалвира Синдикатот, подобро би било да работи на подобрување на работничките прави, зголемување на минималната плата и на тој начин неговите вработени ќе земаат за шест илјади денари поголема плата, изјави Вера Атанасовска претседателка на СКРМ.
Ако во Буџетот има 10 милиони евра за политичките партии тогаш мора да има и за работниците нагласија од ССМ.
За 2025 година сите политички партии е поделат 10 милиони евра наши пари, пари од граѓаните од Буџетот. Затоа дојдовме денес да им кажеме да не не лажат дека Буџетот нема пари за покачување на минималната. Да не не лажат дека ако се зголеми минимална плата ќе се зголеми инфлацијата. Ако земеме ние повисоки плати ќе има пари стопанството државата, пензискиот фонд, ќе имаат пари пензионерите, кажа Деаноски.
Претседателот на ССМ изјави дека протестот е за работниците и без политичка позадина.
Ова е работнички протест организиран од работниците за работниците. Не доаѓаме по нивните функции бидјеќи никој кој стои со нас на асфалтот нема политички амбиции . денеска сме тука и за рабо0тниците кои беа заплашени на кои им се заканувавте да не дојдат да протестираат за зголемување на плата. Ќе ви ветиме едно. А тоа е утре ако ја зголемите минималната плата на 600 евра, ги зголемите платите на сите работници за шест илјади денари нема да не гледате веќе и нема да ви бидеме трн во нога, изјави Трендафилов.
Од протестот ССМ најави дека понатаму нема да учествува на седниците на Економско социјалниот совет бидејќи на тој начин ќе обезбеди кворум за одлуката да се зголеми минималецот за 1.600 денари, сума за која немаат легитимитет да преговараат.
Следната недела во Македонија доаѓа генералниот секретар на светската Конфедерација на Синдикати, за да се запознае од прва рака со ситуацијата во државата а ќе има средби и со претставници на Владата.
Огнен Чанчаревиќ
