Привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез, повика парламентот да одобри реформи со кои нафтената индустрија би се отворила за поголеми странски инвестиции.
Во своето прво обраќање за состојбата на нацијата, таа предложи и формирање два суверени фонда, од кои еден ќе биде наменет за социјална заштита и подобрување на приходите на работниците.
Родригез изјави дека приходите од продажбата на венецуелската нафта треба да се насочат кон здравството, економскиот развој и инфраструктурни проекти.
Таа најави поумерен пристап кон САД, нагласувајќи дека дипломатијата е неопходна, што претставува отстапување од досегашната остра антиамериканска реторика на претходните власти.
Говорот доаѓа во чувствителен политички момент, помалку од две недели по соборувањето на долгогодишниот лидер Николас Мадуро.
Родригез најави и продолжување на ослободувањето на затвореници, оценувајќи дека земјата влегува во „нов политички момент“ со можни значајни промени во внатрешната и надворешната политика.
