Вести Најважни Свет

Не е до парите, туку до ставовите и главата – Финците по осми пат во низа се најсреќна нација во светот

Финците ниту се најбогати, ниту се најотворени, а, сепак, по осми пат во низа се прогласувани за најсреќна нација во светот според World Happiness Report.

„Тие се богати, здрави, имаат социјални врски, социјална поддршка и врска со природата. Тие не се среќни и радосни по самата своја природа, не се луѓе што танцуваат на улица, но севкупно се многу задоволни од својот живот“, вели Јан-Емануел Де Неве, професор по економија на Универзитетот во Оксфорд, раководител на Центарот за истражување на благосостојбата и уредник на Извештајот за светска среќа.

На врвот на листата, заедно со нив, годинава, како впрочем и во изминатите години, се најдоа нивните соседи Данци, Норвежани, Исланѓани и Швеѓани. На листата 10 најсреќни нации меѓу другите се и Холандија и Луксембург, а како изненадување тука годинава за првпат се вбројуваат и Костарика, и Мексико, како и Израел, земјата која веќе две години води жестока војна во Газа, и има мноштво жртви.

Американците годинава паднаа на најниското ниво во рангирањето, на 24 место, откако лани излегоа од првите 20 за првпат од 2012 година, иако САД се една од најразвиените, најбогати и технолошки најнапредни земји. Има повеќе причини за падот на барометарот на среќата кај Американците, но една се смета за најчеста и се зема за клучна за вкупниот впечаток. Осаменоста. Во 2023 година, приближно една четвртина од Американците изјавиле дека сами ги јадат сите свои оброци, што претставува зголемување од 53 проценти во однос на 2003 година. Ова особено се однесува за младите луѓе, кои почесто јадат сами, се наведува во извештајот.

Нордиските земји, кои историски се на врвот, стануваат посреќни, додека САД стануваат помалку среќни. Иако БДП по глава на жител е релативно сличен во нордиските земји, САД, Австралија и Велика Британија, сепак распределбата на богатството ги издвојува.

„Во овие нордиски земји, растечката плима ги крева сите бродови, така што нивоата на економска нееднаквост се многу помали, а тоа се одразува и на благосостојбата. Во Финска, повеќето луѓе ќе се оценат себеси меѓу седум или осум на скалата на среќни, исполнети, задоволни луѓе, додека ако се погледне распределбата на расположението меѓу Американците, ќе се види дека има многу што ќе дадат десетки, но има и многу единици“, вели Де Неве.

Зошто Финците се чувствуваат толку среќно? – Од воздухот, водата, храната, внатрешната хармонија со себе, семејството, работната средина, околината или на сите нив, на чувството на припадност, на сплотеност, итн.

Финците среќата не ја дефинираат генерално како постојана еуфорија, туку како чувство на сигурност, на извесност, на благодарност.

„Луѓето си веруваат едни на други во Финска и на многу нивоа во општеството, се обидуваме да се поддржуваме едни со други. Системот прави некако да можете да му верувате“, вели Александра Пет, жителка од Хелсинки.

Силниот систем на социјална заштита на поединецот, а тука, пред сè, се мисли на бесплатното образование, достапното здравство и ниското ниво на корупција, создаваат средина во која граѓаните знаат што да очекуваат од државата и од утрешниот ден. Што, се чини, им е доволно да бидат среќни, задоволни од животот, без разлика што не располагаат со богатства како другите развиени држави и нации.

Надвор од институционалните системи за социјална поддршка, експертите велат дека жителите на овие земји се грижат едни за други. Најсреќните нации во светот воопшто не се совршени, туку се само добро организирани, сметаат експертите. Тие покажуваат дека вистинската среќа произлегува од чувството на сигурност, припадноста и довербата, вредности што можат да се изградат и надвор од економскиот луксуз.

Среќата на нациите денеска не се мери само преку економски раст, туку преку комбинација од социјална сигурност, квалитет на живот, доверба во институциите и лична слобода. Најчесто користени индикатори при определување на среќата на нацијата се земаат БДП по глава на жител, социјалната поддршка, очекуваниот животен век, личната слобода, довербата во институциите и перцепцијата за корупција.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пиштолот му откажал, па продолжил со нож – крвав поход на 16-годишен Хрват во училиште во Германија, повредени две девојчиња

Sasko Dimovski

Бундестагот одби испорака на ракети Таурус за Киев

Sasko Dimovski

Разузнaвачот го повлече признанието – пресврт во случајот за убиството на жената бомбаш во Монако

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе