Вести Македонија Најважни

УЈП утврди неправилности во работењето на „Зимзоленд“ – не се издавале фискални сметки

Лунапаркот „Зимзоленд“  продолжува да работи без прекин, иако и други институции регистрираат пропусти. Последни во низата прекршоци констатирале даночните инспектори.  Управата за јавни приходи за Телма потврдува дека при теренски контроли на божиќниот базар „Зимзоленд“ биле утврдени неправилности кај три правни субјекти, поради неиздавање фискални сметки и неуредно финансиско работење. Кај дел од физичките лица кои продавале храна и ракотворби, за понатамошно постапување биле известени Агенцијата за храна и ветеринарство и Државниот пазарен инспекторат.

„Во рамки на контролите затекнати се и физички лица кои продаваа храна и ракотворби на тезги. Овие физички лица на увид доставиле документација дека имале поднесено барање до УЈП за паушално оданочување, но согласно член 29 став 4 од ЗДЛД сите се одбиени бидејќи не ги исполниле условите за паушално оданочување, освен барањето за продажба на ракотворби. По однос на овие лица известени се надлежните институции за преземање на понатамошни постапки од страна на  АХВ и ДПИ“, соопштија од УЈП.

Пред само 48 часа од Град Скопје констатираа дека не е издадена дозвола за поставување лунапарк и ја задолжија општина Аеродром да постапи.

„Комуналниот инспектор на Град Скопје на ден 11.12.2025 година изврши вонреден инспекциски надзор. На лице место е констатирано дека правниот субјект нема одобрение за поставување на лунапарк на приватен имот од надлежен орган од Град Скопје. Бидејќи Комуналниот инспектор нема надлежност за отстранување на реквизити за поставување на лунапарк ве молиме да постапите согласно вашите надлежности од Законот за градење“, соопштија од Град Скопје.

Од општина Аеродром без да даваат други детали, за Телма посочија дека инспекциската постапка за отстранување на поставената опремата е отпочната. Сепак, од општината сè уште нема детали до каде е постапката што ја започнале.

„Инспекциската постапка од страна на Општина Аеродром е отпочната на 28.11.2025 година и во моментов внимателно се разгледуваат сите факти и околности што се однесуваат исклучиво во делот на одобрението за поставување урбана опрема. По целосно завршување на постапката, од страна на Општината ќе бидат преземени соодветни мерки што произлегуваат од законите, доколку за тоа постои утврдена основа“, соопштија од Општина Аеродром.

Од Јавното обвинителство предупредуваат дека доколку надлежните институции не постапат согласно своите овластувања, ќе отворат предмет и ќе дадат насоки за евентуална кривична одговорност.

„Предмет на истражување на обвинителството во секој случај поединечно можат да бидат сите аспекти на евентуална кривична одговорност“, соопштија од Јавно обвинителство.

Сите наводи и констатирани неправилности од институциите, сопственикот на лунапаркот Панде Димов негира, во објаснување кое го наведе со своите адвокати во Телма телевизија, но притоа не сакаше да говори пред камерите и тврди дека работи законски.

Инаку, сопственикот на фирмата Мега луна 25 – Битола, е токму Панде Димов истиот кој според обвинителството пред три години ја постави опремата за лунапарк пред салата Борис Трајковски. Тој се јавува и како дел од сопствениците на фирмата Зимзоленд која и лани ја организираше предновогодишната забава за најмладите и нивните родители во паркот кој тогаш исто така се наоѓаше во Аеродром, но на друга локација.

Тамара Марковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

11 пациенти биле примени во Ургентен, пациентка со повреда на главата и на потколеница задржана на нерохирургија

Kristina Kuzmanovski

Франција воведува целосна забрана за користење социјални мрежи за деца под 15 години

Kristina Kuzmanovski

Во Италија запленети 770 килограми кокаин во пратка со банани

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе