Документарниот филм „ Приказната за Силјан“, на режисерката и продуцентка Тамара Котевска, е еден од петте номинирани за престижната американска награда Независен дух, што се смета за успешен чекор до Оскарите. Наградата ја доделува Здружението на независни филмаџии на САД, по гласање од над 6000 членови, а номинациите за филмовите и тв сериите ги прави Комитет од педесетина членови. Особеност за наградата што се доделува во 15 – тина категории, е што за неа се квалификуваат осварувања реализирани со буџет до 30 милиони долари, со што се потенцира независноста на продукциите.
- Огромна чест – ова признание се смета за едно од најпрестижните во светот на независниот филм, и често се истакнува како “трето најважно” веднаш по Оскарите и Еми наградите. Горди сме што приказната допира до сè повеќе луѓе, велат од Агенцијата за филм на Македонија.
41. доделување на наградите Независен дух ќе се одржи на 15. февруари следната година во Холивуд, во театарот Паладиум. „ Приказната за Силјан“ на 28 ноември ја доживеа американската премиера во Њујорк, по што критиката ја прогласи за еден од најдобрите документарци, годинава. Во септември, филмот го откупи каналот за документарци на National Geographic. „ Приказната за Силјан“ која зборува за врската на човек и штрк, е македонски кандидат за Оскар, во категоријата остварувања од неанглиско говорно подрачје. Номинациите на Американската филмска академија ќе бидат објавени на 22. јануари. А, церемонијата на врачување на Оскарите е закажана на 15. март.
Сотир Трајков
