Европската Комисија ја казни социјалнaта мрежа во сопственост на најбогатиот човек на планетата, Елон Маск, X (икс) или поранешен Твитер со 120 милиони евра, заради употребата на сините ознаки за потврда на автентичност на профилите и покрај американските предупредувања да не го прави тоа.
Европската Комисија соопшти дека со тоа што им овозможила на корисниците да платат за оваа сина ознака за потврда на профилите, X (икс) ги измамува корисниците, затоа што неговата социјална мрежа воопшто не врши ниту суштинска проверка да утврди кој стои зад одредени профили.
Американскиот потпретседател, Џеј Ди Венс, ја критикуваше Европската Унија уште додека само се шпекулираше за казната за X, обвинувајќи дека оваа социјална мрежа, која по преземањето од Маск, стана инструмент на екстремно десничарска пропаганда и лажни вести, наводно се казнува затоа што „не практикува цензура“.
„ЕУ треба да го поддржува слободниот говор а не да ги напаѓа американските компании заради глупости“ – изјави Џеј Ди Венс.
Покрај проблемот со употребата на сините ознаки за потврда на автентичноста, европските регулатори тврдат и дека X не обезбедува транспарентност околу своите реклами и не им дава на истражувачите пристап до јавните податоци.
„Ова е првата казна според законот. Х ги прекрши своите обврски според законот. Тоа го вклучува и препознатливиот син симбол, кој ги залажува корисниците. Секој може да плати за да го добие симболот, и Х не може да сигурно да потврди кој стои зад него. Исто така ја вклучува и датотеката за рекламирање, која не функционира правилно, и Х не им обезбедува пристап до податоците на истражувачите. Неисполнувањето на оваа одлука може да доведе до периодични повремени казни, покрај денешната“ – изјави портаролот на ЕК, Том Рение.
Н.И
