Патничкиот и товарниот железнички сообраќај денес се одвива непречено откако преговорите на машиновозачите и раководството на државната железница завршија со начелен договор околу дел од барањата поврзани со платите и надоместоците.
На состанокот кој траеше до доцна во ноќта раководството прифатило да ги исполни дел од барањата на Синдикатот кои се однесуваат за надоместоци на плата за дополнителни часови работа. Машиновозачите се обврзале дека додека траат разговорите и преговорите со раководството бојкот нема да има.
„Имаше точки за повикување вонредно на работа и и порано во истиот ден, има ставка во колективниот договор каде што треба да се исплаќа 10 проценти на остварени часови за тој воз. Исто така договорено е за 5 отсто на квалитет да имаме плус од останатите вработени“, изјави Тони Димовски, претседател на Синдикатот на машиновозачи на Македонија.
Директорот на железници транспорт, Дејан Кошутиќ, соопшти дека на состанокот присуствувал и државниот секретар од министерството за транспорт и врски и им се заблагодари на вработените кои одлучија да го прекинат бојкотот.
„Ги отворивме сите клучни тековни и наследени прашања кои ги засегаат нашите машиновозачи, прашања што со години наназад остануваа нерешени поради состојбата во која беше затекната компанијата во 2024 година. Посветеноста на машинскиот персонал и колегите од одржување беше клучна за повторното воспоставување на теретниот сообраќај и стабилизирањето на системот. Искрена благодарност до сите за професионализмот и одговорноста“, рече Дејан Кошутиќ, директор на ЖРСМ Транспорт.
Голем дел од вработените во машинскиот сектор во железници се со плати блиски до минималната, трошоците за живот се зголемуваат од месец во месец и затоа мора да има зголемување на коефициентот на платата велат од Синдикатот. Во моментов во Македонија има 46 активни машиновозачи.
„Во моментов основната плата на машиновозач е 28.400 денари. Не е во ред основна плата машиновозач а дури и некои вработени што имаат минимална плата како кондуктер и маневрист. Машинскиот персонал е многу преоптеретен. Почесто сме на работа отколку дома со нашите фамилии“, додава Димковски.
Машиновозачите вчера стапија во бојкот на работните обврски откако не им беше исполнето ниту едно од 15 барања кои ги доставија до раководството на 2 октомври.
Огнен Чанчаревиќ
Дигитална обработка: T.Д.
