Лицето кое му се заканувало на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, е лишено од слобода и спроведено во притвор, соопшти СВР Велес.
Станува збор за 32 годишен маж од Кавадарци, кој бил баран по централен распис поради сомнение за кривични дела загрозување на сигурноста, демнење и ширење расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем.
Судот му одреди 30-дневен притвор, кој ќе го издржува во Затворот во Гевгелија.
Јавното обвинителство информира дека три лица се обвинети за закани кон градоначалникот, при што првообвинетиот се товари и за продолжено дело – ширење расистички и ксенофобичен материјал.
Според обвинението, тој на својот Фејсбук профил објавувал навреди, говор на омраза и закани по животот на градоначалникот и неговите малолетни деца, а споделувал и видеа со пукање со оружје.
Второобвинетиот пренесувал дел од заканите на првиот обвинет, додека третото лице коментирало закани кон градоначалникот на Фејсбук.
Поради двојното државјанство на првообвинетиот и реалниот ризик од бегство, јавниот обвинител побара мерка притвор, која судот ја одобри.
