Сериозни неправилности во здравството и судството открива најновата анализа на Транспаренси за месец Ноември.
Комисијата на Министерството за здравство утврдила дека речиси половина од проверените кардиохируршки операции биле непотребни, додека Европската комисија го критикува недоволното напредување на земјата во борбата против корупцијата со што се довело во прашање независноста на судството.
Во текстот стои и дека новиот Закон за контрола на индустриските емисии овозможува компании да кријат информации за горење отпад како „деловна тајна“. Сепак, во анализата се издвојуваат и позитивни параметри.
Се нотира дека надлежните органи преземаат конкретни дејства, а за тоа се посочува промерот со десетината вработени во УЈП кои беа приведени за примање поткуп поврзан со трагедијата во Кочани, а против поранешни функционери од општини и директор на Платежната агенција се поднесени кривични пријави за злоупотреба на службена положба и примање поткуп.
Се издвојува и случајот во кој пет лица се обвинети за злоупотреби со државни резерви на жито, со штета проценета на 780.000 евра.
Месечниот извештај покажува контраст меѓу „матните“ системски проблеми и „бистрите“ случаи каде што институциите реагираат.
Овој барометар на корупцијата ја следи состојбата во земјата и ја поттикнува јавната свест за потребата од транспарентност и одговорност во сите сектори.
