Јавното обвинителство соопшти дека основното обвинителство од Кавадарци до надлежниот суд поднело обвинение против три лица за кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 од Кривичниот законик, додека првообвинетиот од нив се товари и за продолжено дело– Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г.
Според обвинителството, првообвинетиот подолг временски период на својот личен профил на Фејсбук пишувал објави со говор на омраза, навреди и повици за насилство и закани насочени кон оштетениот градоначалник на Кавадарци, поттикнувајќи омраза врз основа на политичка припадност и општествен статус.
„Обвинетиот 32-годишник објавувал и фотографии од оштетениот и неговите малолетни деца, заканувајќи се и кон нив, а како потврда за сериозноста на заканите споделувал и видеа во кои самиот пукал со автоматска пушка и пиштол. Од јули годинава започнал и преку телефонска апликација да се јавува кај градоначалникот, лично и преку пораки да се заканува по животот на оштетениот и неговото семејство“ – пишува во соопштението од обвинителството.
Според обвинителството, второобвинетиот, исто така телефонски, пренесувал дел од заканите и пораките во име на првиот обвинет, додека третиот обвинет коментирал на Фејсбук објавите на првиот обвинет, заканувајќи се со убиство на оштетениот градоначалник.
Јавниот обвинител за првообвинетиот, кој има двојно македонско и бугарско државјанство, процени дека постои реален ризик од бегство и опасност да го изврши делото со кое се заканува, па до судијата за претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци поднел и посебен предлог за определување мерка притвор.
