Од печат излезе најновата, четврта збирка кратки раскази од Живко Грозданоски, насловена „ Како сепија, со мастило правам место за себе во светот“ . Таа содржи 26 кратки автобиографски раскази, поместени во пет циклуси.
- Автобиографските записи се мошне малку распространети во нашата литература, зашто, соочувањето со себеси е, веројатно, најтешкиот облик на писмо. Оттаму, обидот на Грозданоски отворено и „без пардон“ да проговори за своите лични размисли и предизвици е редок феномен, значаен за збогатување на разноликоста на книжевноста на нашето поднебје“, вели рецензентката Лидија Капушевска-Дракулевска, во поговорот на изданието.
По малиот тријазичен (на македонски, грчки и англиски) тематски избор на песни и кратки раскази од тринаесет македонски автори „Да сум на твое место“ (2020) и по збирката песни „Малага (возови од мастило)“ и изборот текстови „Булевар Ослободување бр. 10 (2014-2024)“, со кои се одбележаа десет години од основањето на „Булевар Ослободување“, „Како сепија, со мастило правам место за себе во светот“ е четвртиот наслов под логото на „Булевар Ослободување“, чиј уредник е Живко Грозданоски.
