Ќе донесеме нов ДУП кај Француски гробишта и тоа ни е еден од главните проекти во овој сегмент, каде што ќе се градат социјални станови и комплекси за похумано и социјално живеење, рече Марија Среброва, кандидатка за градоначалничка на Центар од Левица, во вечерашната дебата во „Топ тема“ на ТВ Телма.
„Потоа Ново Маало на пример, каде што во 21 век, за жал, во тоа Маало сè уште имаме септички јами, наместо поврзаност со канализација. Тоа дефинитивно уште на старт ќе го решиме и исто така и таму ќе мора да се донесе нов ДУП, бидејќи тие луѓе таму не можат ништо да направат, затоа што се закочени од стариот ДУП. И еден од главните капитални проекти ни е под Кале, значи на парцелата ДУП ЦС01 парк 2, таму планираме да направиме нататориум. Тоа е комплекс на базени за нуркање, скокалници, пливачки базени, потоа таму ќе има, според нашиот план, и аквариум. Бидејќи Скопје, како главен град на една држава, која претендира да биде држава членка на Европската Унија, ние немаме аквариум. И планираме тоа таму да го направиме. Исто така и ревитализација на скопското игралиште кое се наоѓа од другата страна на Вардар“, потенцира Среброва.
Среброва најави воведување на пракса на граѓански референдуми на кои, како што рече, за одредени одлуки кои се круцијални за животот на луѓето во оппштината, тие мора да имаат право да се изјаснат.
„Општина , конечно, да го слуша гласот на своите жители, гласот на оние од кои го добива мандатот исите заедно да ги носиме решенијата“, додаде Среброва.
С.Д.
