Попова Шапка е најстуденото место во земјава утрово со измерени -4°C и најголема снежна покривка од 26 сантиметри, соопшти УХМР.
Снег има и во Лазарополе, Маврови Анови, Ѓуриште и Дебар.
Температурите се движат од -2°C во Маврови Анови и Лазарополе до 5°C во Гевгелија.
Најмногу врнежи од дожд во последните 24 часа се измерени во Струмица, Гевгелија, Демир Капија и Скопје-Петровец.
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени врнежи од дожд, а на планините и повисоките места – снег.
Ќе дува засилен северен ветер. Максималните температури ќе се движат од 3 до 11°C.
Во Скопје, времето ќе биде облачно, студено, со дожд и можен снег на повисоките делови, и температура до 7°C.

Во прекин сообраќајот на патот Никифорово – Леуново – Бунец
Сообраќајот на регионалниот пат Никифорово – Леуново – Бунец од синоќа е во прекин поради врнежи од снег и паднати дрвја на коловозот, информира АМСМ.
Дополнително, од утрово сообраќајот меѓу селата Живалево и Туралево кај Кратово се одвива наизменично по една лента, поради одрон на патот.
Забраните за движење на тешки товарни возила се укинати на патниот правец кон превојот Стража и на делницата Маврово – Ростуше, каде што сообраќајот повторно се одвива нормално.
На останатите патишта сообраќајот се одвива непречено, по влажни коловози, со умерен интензитет надвор од градските средини.
АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина и почитување на сообраќајната сигнализација, особено на патиштата низ котлини, речни долини и клисури, каде има зголемена опасност од одрони.
