Во Центар, речиси, нема локација на која може да се гради, во мандатот на Герасимовски се издадени 280 до 300 градежни дозволи за четири години, што е дополнително запушување, загушување на Центар кој што претходно и тоа како добро и солидно е изграден, смета Мирослав Лабудовиќ, кандидат за градоначалник на Општина Центар од ЗНАМ, во вечерашната дебата во „Топ тема“ на ТВ Телма.
„Тоа што ние би го направиме веднаш за почеток на мандатот е ревизија и инспекциски надзор на сите градежни локации. Дали се гради по градежните правила, дали се исполнети сите услови таму. И дополнително, кога ќе започнеме со ревидирање на ДУП-овите, да се даде што повеќе можност за јавни површини и тие државни големи парцели да не се дозволи за цепкање за да може инвеститорите да ги дооформуваат, да прават уште повеќе инвестиции и објекти за нивни профит, а на штета на граѓаните. Целкта тука е да направиме што може повеќе локации, државни, да бидат во јавен интерес, исклучиво за граѓаните и со содржини за граѓаните“, порача Лабудовиќ.
Актуелниот градоначалник на Центар, Горан Герасимовски му реплицираше на Лабудовиќ во делот на издадени дозволи за градба во време на неговиот мандат.
„Имаме издадено 175 одобренија, значи не се 300. Тоа прво. Второ, немаме продадено на лицитација ниту еден квадратен метар државно земјиште во овие четири години. И трето, бараме начин како да го заштитиме земјиштето за дооформување и за тоа поднесовме два закона, меѓу кои едниот е да оние непопуларни 30 проценти доколку ги имаме, можеме да дооформуваме 70, да биде обратно, да имаме 70 отсто, па да дооформуваме 30“, одговори Герасимовски.
С.Д.
