Вести Македонија

Депонија Вардариште – на територија на Гази Баба, а проблем за цело Скопје

На територија на Општина Гази Баба, а проблем за цело Скопје. Дивата депонија Вардариште на последниот ден од месец август ги потсети скопјани дека е проблем кој чека на решение.

Облакот од чад по пожарот на депонијата, се гледаше од секој дел на Скопје, а покрај тоа, непријатната миризба стана дел од домовите на граѓаните. Пожарот тлееше уште речиси цела недела.

Пошироко гледано, проблемот со Вардариште, како и со другите депонии, не е само во акумулацијата на отпадот, туку и во долгогодишното несоодветно третирање на таквите места.

Сега веќе нема влез во депонијата Вардариште и истата е целосно затворена за движење, откако Владата воведе итни мерки по состојбата со пожарот. Снимките се направени претходно.

„Како и секоја депонија, оваа има свои специфики. Оваа депонија е поставена во тело коешто не е наменето за депонија. Таму се ископувало песок и чакал, тлото е порозно, а депонии се поставуваат на места каде што тлото е водонепропустно во најмала рака и притоа се преземаат инженерски мерки како изолација на дното, изолација на страните на депонијата, поставување на дренажни системи, поставување на неколку слоеви од природни или геосинтетски материјали коишто не дозволуваат исцедокот да оди во водотеците и во подземните води. Тоа не е направено. Особено е порозно тлото на депонијата. Поради тоа – која и мерка да се преземе со депонијата, треба да предвиди целосна изолација на депонијата и контакт со реката Вардар. Оној исцедок што се создава, што и да се преземе – доколку целиот отпад не се ископа, ќе треба исцедокот да се третира. Еве физибилити студијата за којашто зборуваме, не предвидува пречистителна станица за исцедните води од депонијата коишто сега не се толку богати со органски остаток ама се богати со неоргански токсични материи коишто влегуваат во подземните води и во Вардар“, вели Филип Иванов, стручно лице од областа управување со отпад и животна средина.  

Природата на отпадот, особено тој што не бил правилно обработен, може да предизвика сериозни еколошки последици, како што се пожари, загадување на воздухот и подземните води и долгорочни здравствени ризици за населението во близина.

Брзо решение не постои, потенцира Иванов и апелира – надлежните да се фокусираат на долгорочните решенија и на обезбедување средства за реализација на истите.

„Прво и основно што треба да се направи е да се ревидира постојната физибилити студија којашто дава физибилни и добри решенија, но со оглед на тоа дека таа е надвор од опсегот на нејзиното влијание, изминале повеќе од десет години откако е изработена, апсолутно е дека сите параметри на депонијата се сменети. Малку од стручен аспект – ако тогаш била биоактивна, односно сѐ уште имало разградувачки процеси и генерирање на метан од биоразградливи материјали тој процес веќе слегнува и се намалува, па веројатно нема да има потреба од такви мерки за активна дегасификација на депонијата како што е предвидено со студијата. Од друга страна, самите параметри на депонијата се сменети, таму постојано се носи некој отпад“, додава Иванов, стручно лице од областа управување со отпад и животна средина. 

Колку е реално да се очекува дека некогаш на тој простор може да има функционален објект, парк или тоа да стане хумана средина – Иванов одговара дека депонијата ако се изолира соодветно, рационално решение би било изградба на соларна централа којашто ќе генерира приход и ќе овозможи следење или мониторинг на депонијата во следните триесет години после затворањето.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Демант од Мелиса Прошева од Кочани на изјавата на адвокатот Зоран Зафировски

Tea Dimkovska

Се капеле во Треска и одеднаш водата ги повлекла – по итен повик биле спасени

Tea Dimkovska

Каква реформа му е потребна на македонскиот пензиски систем?

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе