На само петнаесетина минути возење со автомобил, североисточно од центарот на Скопје се наоѓа Гази Баба. Една од поголемите скопски општини, со долга листа на добри и лоши страни.
Во еден дел – динамична и урбана средина, каде што проблемите се вообичаени како и во други населени места од главниот град. Малку паркинг места, узурпирани тротоари, преполни контејнери. Ова се само дел од прашањата што ги мачат жителите од поуредениот дел на општината Гази Баба.
„Јас живеам во Ќерамидница. Меѓутоа, улицата каде што живеам јас, кај Дојрана, десно едносмерната према Ист Гејт Мол – тоа е катастрофа да ви кажам! Од коли не можеме да поминеме пешки. Јас морам да се тргнам со торбите настрана, за да поминат колите. Е, не е решение тоа!“, вели жителка на Ќерамидница.
„Сѐ едно исто кажуваат, дечко! Толку ќе кажам.
- Верувате ли дека ќе решат некој проблем?
Ништо! И нема тротоар да поминеш, сѐ по улица. И уште криви сме! Шоферите се развикуваат „што одиш тука“. Па кај да одам?“, прашува жителка на Автокоманда.
„- Се приближуваат локалните избори во октомври, политичарите ќе излезат повторно со нови ветувања, што очекувате да слушнете од кандидатите?
„Истото што и минатиот пат.“
- А, да го остварат тоа што го ветуваат?
„Леле колку би било добро! Ние луѓето секогаш се надеваме на подобро. Секогаш се надеваме. И ајде да видиме. Ајде, нека се најде некој јунак па нека направи нешто“, одговара уште една од граѓаните кои ги затекнавме.
„Во последно време најмногу ме загрижува што многу ѓубре има во градот, а другото и така и така. Навикнати сме веќе“, коментира еден од граѓаните.
„Стојат ѓубрињата во кантите. Најпрво тоа треба да се среди. Друго да сме живи и здрави. Нека направат и еден дом за стари лица, поевтино да биде за ние што земаме помала пензија“, вели жителка на Автокоманда.
Во Автокоманда и Железара ваква е сликата. Дополнително, засилената урбанизација и бројот на нови згради е уште еден од низата предизвици за жителите од овој дел на општината. Но, само за речиси половина час возење до другите делови под ингеренции на Општина Гази Баба, сликата е дијаметрално спротивна.
„Нови локални избори – нови ветувања од политичарите. На само 20 минути од урбаниот дел на Гази Баба, овде во село Булачани, граѓаните се надеваат дека некој конечно ќе им го реши проблемот со водоснабдувањето, затоа што тие цело лето и во најтоплите денови немаа вода.“
Проблем со водата имаат годинава, што не било случај и претходно, велат жителите. Сега бараат слух од надлежните, но и казни за оние поради кои останале без водоснабдување.
„Проблеми има, нема вода цело лето. Капка за пиење нема. И што да се каже?!“
- Секоја година ли е така?
„Па не, лани и преклани не беше така, годинава еве четврти месец е вака.“
- Добро, некој од надлежните ви кажа ли што е работата и зошто е тоа така?!
„Никој ништо не кажа! Нема вода и тоа е. Проблемот е до самите луѓе што не ја користат водата како што треба. Вадат бавчи, фолии“, вели еден од жителите на с. Булачани.
„Нема вода, нема доволно вода. Некои злоупотребуваат и тие треба да се казнат“, додаваат други жители на Булачани.
Во последниот период, особено е актуелна темата и со индустриското загадување. Бројни граѓански иницијативи алармираа за загадениот воздух во индустрискиот дел од општината и побараа засилени контроли врз фабриките.
Петар Догов
