Израелските поморски сили се качија на повеќето бродови и приведоа десетици активисти и голем број европски пратеници на флотила којашто се обидуваше да ја пробие израелската блокада на Газа.
Грета Тунберг, климатска активистка која беше на еден од бродовите, објави видео во кое вели дека била „киднапирана“ од израелските сили.
„Нашата хуманитарна мисија беше ненасилна и се придржуваше до меѓународното право. Ве молам кажете ѝ на мојата влада да бара мое и итно ослободување на другите“, додаде таа.
Видео со речиси идентична содржина објави и активистот Звеливелиле „Мандла“ Мандла, кој е внук на Нелсон Мандела.
- „Се викам Нкоси Звеливелиле Мандла. Јас сум граѓанин на Република Јужна Африка. Ако го добивате ова видео, тоа значи дека сме пресретнати и киднапирани од страна на државата апартхејд Израел. Ве повикувам да побарате од нашата влада да изврши притисок за мое итно ослободување“ – Звеливелиле „Мандла“ Мандла, активист.
Глобалната флотила Сумуд, составена е од повеќе од 40 бродови и 500 активисти, носи симболична количина хуманитарна помош за Газа.
Организаторите на флотилата рекоа дека еден брод успеал да продолжи да плови, но застанал во близина на брегот на Газа денеска наутро пред да се изгуби контактот со бродот.
Тие рекоа дека 39 од нивните бродови биле пресретнати, или се претпоставува дека се пресретнати бидејќи комуникацијата со активистите била изгубена, во израелска операција што започна претходната ноќ.
За разлика од претходните, оваа флотила беше најголемата досега што се обиде да ја пробие израелската блокада на Газа.
Активистите рекоа дека веруваат оти со големиот број бродови, на израелските власти ќе им биде потешко да ги пресретнат сите.
