Со транспаренти „Доста работиме за ѓеврек и вода“, „Работиме по закон, сакаме плата по закон“ и „Бараме редовна исплата на плата“, вработените од ЈП „Паркови и зеленило“ и фирмите-ќерки „Флораком“ и „Луна“ денес излегоа на протест и ја блокираа улица „Илинденска“. Причината, како што велат, е тоа што августовската плата доцни две недели. Наместо на 15-ти, сè уште не ја добиле.
„Доколку денеска не се исплати платата за август, од утре вработените ќе останат без здравствено осигурување. Што е многу страшно, со оглед на фактот дека голем дел од овие вработени земаат хронична терапија, а имаме и онколошки пациенти. Од страна на Град Скопје е префрлена одредена сума на пари. Парите се моментално во трезорот, но сè уште недостигаат пари за августовската плата, некаде околу 25 милиони денари. Тоа е сума која е потребна само за исплата на платите за ЈП „Паркови и зеленило“, а плус тоа потребни се и уште средства за исплата на платите за Флораком и Луна“, изјави Стојанче Кашиковски од СУТКОЗ.
Проблемот ги засега повеќе од 650 работници, а ова не е првпат тие да излезат на протест. И претходно реагираа поради неисплатени плати. Од Град Скопје одново надлежноста ја префрлија на „Паркови и зеленило“ и упатуваат одговорите да се бараат во претпријатието, но обвинуваат и за политичка позадина.
„Конкретни информации можат да дадат и од синдикатот чии ограноци алармираат дека над 15 државни институции повеќе од три месеци немаат добиено плата и имаат изгубено можност за лекување поради немање здравствено осигурување, а во „Паркови и зеленило“ со политички притисоци некој континуирано, секој месец организира протести за неколку дена задоцнета исплата“, соопштија од Град Скопје.
Доколку до крајот на денот не им биде исплатена платата, вработените најавуваат дека утре ќе блокираат повеќе крстосници низ Скопје. Од Директорот на „Паркови и зеленило“ нема одговор.
Тамара Марковска
