Жителите на Аеродром и Гази Баба утринава повторно го изразија своето незадоволство за загадувањето од депонијата Вардариште. Движењето ,,Стоп за Вардариште“ повторно се одржа на истата локација, со блокада на крстосницата која ги дели булеварите „Србија“ и АСНОМ во присуство на полициски службеници.
Присутните на самиот протест изработуваа картони и транспаренти со пораки преку кои ги истакнаа своите барања и проблеми. Тие уште еднаш едногласно порачаа дека бараат да се постави 24-часовно обезбедување на депонијата, видеонадзор и итно исселување и соодветно згрижување на лицата кои живеат бесправно на самата депонија.
На протестот за првпат имаше реакција и од претставници на Општина Аеродром со кои разговараа граѓаните. Револтирани им порачаа дека мора да седнат и да работат на решавање на проблемот.
,,На работа моментално не одам само заради ова. Мора комуникацијата да ни се зголеми. Знам дека ова не е во ваша надлежност, но таму го имате Боби. Треба да нè известувате за сè што се случува. Имаме седум барања кои фигурираат на социјалните мрежи. Првото го обезбедивте, второто е да почне да се прави ограда. Знаеме дека таа ограда не може да се изгради за 10 дена, но можеби и може“, рече присутен граѓанин на протестот.
Присутните на денешниот протест уште еднаш испратија порака дека нема да отстапат од барањата и најавија нова блокада денеска во 18 часот. Нивните барања се испратени и до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, до Владата, до Министерството за животна средина, до Министерството за внатрешни работи, до Министерството за социјални политики, до Град Скопје, како и до општините Гази Баба и Аеродром.
Марија Коцева
