Вести Македонија

Аналитичарите бараат акција, а не резолуции

Потребна е акција, а не резолуции, сметаат аналитичарите. Самата Преговарачка рамка за нив е еден вид на резолуција која нуди гаранција за јазикот и идентитетот кои се бараат и со најновата,  предложена вчера од СДСМ. Добрата страна на оваа резолуција, според извршниот директор на „Преспа институт“, е можноста да се излезе од фразеологија, да почнат да се преземаат чекори, да се поттурне процесот и да се излезе од рововите.

„Помина времето на резолуции, потребна е акција. Имаме резолуција во формат на Преговарачката рамка. Добрата страна на резолуцијата е дека инсистира на тоа, да не стоиме во место и да не го губиме времето. Ако ги погледнеме елементите на прашањето за јазикот, тоа е затворена работа, во повеќе наврати. Во Преговарачката рамка стои дека нашата држава ќе го преведе целокупното европско законодавство на македонски јазик, поголема гаранција за јазикот нема од тоа неколку илјади страници законодавство да се преведат на македонски јазик“, вели Андреја Стојковски, извршен директор на „Преспа институт“.

Стојковски потсетува дека од нас се бара на македонски јазик да се преведат стандарди, документи од уписни институции, пресуди од Европскиот суд за човекови права кои се релевантни за развој на целокупниот правен и институционален систем на ЕУ. Укажува и дека со преговарачката рамка е загарантирано и идентитетското прашање.

„И сега тврдат во ЕУ дека билатералните спорови не треба да бидат дел од проширувањето. Дали мислите дека во иднина нема да се појави вешто скриен во дипломатски јазик билатерален спор кој ќе биде затскриен зад некое прашање од европското законодавство? – Секогаш тоа може да се случи, нема за тоа гаранција. Треба само да бидеме убедени дека добрата волја која постои во моментов во ЕУ ќе придонесе да има внатрешен притисок за справување со таквите идеи“, вели Стојковски.

За него, моментот е сега да се искористи разбирањето на Унијата дека проширувањето е безбедносно и стабилизирачко прашање кое треба да се заврши во 2030 година. Обидот, пак, од Данска да се лимитира правото на вето на Унгарија за Украина, веројатно може да биде преседан што би можел да се употреби и за следен проблем од таков карактер и затоа, ова е момент сите партии да се договорат околу ова прашање, затоа што гаранција за европската приказна не може да биде ниту една партија.

Премиерот, кој вчера најави друга резолуција по изборите, денеска рече дека нема намера да размислува за уставни измени без гаранции, не ги игнорираат обврските прифатени од претходната влада на СДСМ, но, исто така, не гледа дека источниот сосед прави нешто во насока на испорака на своите обврски. Повтори дека резолуцијата на Социјалдемократите содржи историски фалсификати.

„Ние не ги игнорираме обврските што таа влада, за жал, ги прифатила, но не гледаме ниту дека источниот сосед презема нешто по ова прашање. Очекуваме, исто така, поробусна акција од Европската комисија кај нашиот сосед и нивен партнер во рамки на европското семејство, затоа што сме виделе неколку пати дека, кога се сакало се можело“, изјави премиерот.

Од СДСМ, пак, денеска негираа дека резолуцијата содржи „лажни и неточни историски факти“. Велат дека напротив, во неа се вградени прецизно, фактографски и историски, сите претходни резолуции и историски датуми во прогресот кон Европската унија и нема ништо непрецизно. Порачуваат дебатата на оваа тема во иднина да продолжи конструктивно, затоа што никому не му оди во прилог да се извртуваат тезите или да се укажува на неточности кои реално не постојат.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ахмети пак не успеа да гласа, одложено гласањето на Закон за правична застапеност

Tea Dimkovska

Овчата сипаница се шири низ истокот – опфатени бачила во четири општини

Tea Dimkovska

Јавен повик, тајни понудувачи, се уште не се открива кои компании се јавиле на повикот за нови автобуси

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе