Левица реагира на, како што велат, невиден облик на дискриминација од властите по забраната за платено политичко рекламирање на партијата во приватните медиуми што, според нив, претставува преседан во историјата на Македонија.
На прес-конференција пред Уставниот суд, претседателот на партијата Димитар Апасиев истакна дека нивната партија е единствената политичка сила од сите парламентарни и вонпарламентарни партии која е изоставена од можноста за политичко претставување во четирите законски пакети за рекламирање. Тој обвини за директна вмешаност на државните институции, посебно АВМУ, чиј директор, според него, добива инструкции директно од премиерот.
Најави правни мерки, вклучувајќи и поднесување тужба и барање за итна временска мерка од Уставниот суд за стопирање на оваа забрана. Тие предупредија дека доколку не се реши овој проблем, го разгледуваат и поднесувањето случај во Стразбур, што може да доведе до правна битка од неколку години, со последици за демократските процеси во Македонија.
